fbpx

Анонимен мејл погрешно се интерпретира како доказ дека вакцините се штетни за фетусот

-

Стручниот колегиум на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство Скопје (ГАК), Комитетот за безбедно мајчинство на РСМ и Здружението на перинатолози на РСМ издаде препораки во врска со вакцинацијата против ковид-19 за време на бременост. Овие препораки кои Вистиномер ги има објавено, се базирани врз студии од светски релевантни медицински институти што се темелат на истражувања во кои се опфатени сериозен број испитаници од оваа категорија на женската популација. Според редовно ажурираниот онлајн објаснувач од д-р Викторија Мејл, предавач по репродуктивна имунологија на Империјал колеџ во Лондон, 16 студии ја проценувале безбедноста на вакцинацијата против ковид-19 во однос на раѓање мртво дете, а ниту една не открила зголемен ризик од раѓање мртво дете по вакцинацијата против ковид-19, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Пост на Фејсбук тврди дека е зголемен бројот на мртвородени деца поради вакцината против ковид-19. Ваквото тврење не е поткрепено со никакви медицински факти и докази, туку се базира на сомневања и на анонимни мејлови. Нашите проверки покажаа дека наводите изнесени во постот не се точни.

ПРОТЕЧЕ БОЛНИЧКА Е-ПОШТА ЗА РАСТ НА БРОЈОТ НА МРТВОРОДЕНЧИЊА:
ПОСТОИ СОМНЕВАЊЕ НА BAKЦИНАТА ЗА KOBИД 19, стои во објавата која ја анализираме.

Постот споделува и напис од веб сајтот „Коловрт“, познат по ширење дезинформации и теории на заговор поврзани со пандемијата, кој се повикува на електронска пошта испратена од здравствениот персонал во болничкиот систем Фресно, Калифорнија испратена до Епох Тајмс.

Во е-пошта неодамна споделена од The ​​Epoch Times, здравствениот персонал во болничкиот систем Фресно, Калифорнија наведе зголемување на „смртта на пациенти“ или мртвородени деца, тренд кој за жал се очекува да продолжи, според е-поштата.

Инаку, „Епох тајмс“ е екстремно десничарски меѓународен повеќејазичен весник и медиумска компанија поврзана со новото религиозно движење Фалун Гонг. Во 2020 година, Њујорк тајмс ја нарече оваа медиумска групација „машина за дезинформации од глобално ниво“.

На почетокот, написот, повикувајќи се на овие анонимни мејлови обајвени на Епох тајмс, наведува податоци за некаква зголемена смртност на пациненти, посочени од извесна главна медицинска сестра.

Имаше 22 смртни случаи на пациенти во август [2022], рекорден број на смртни случаи, исто со јули 2021 година, а досега во септември имаше 7, а тоа е само осми ден во месецот, напиша медицинската сестра. Главната медицинска сестра напиша дека се надева дека „трендот нема да продолжи бесконечно“. Знам за уште неколку закажани породувања во следната недела, па за жал сите ќе бидете многу запознаени со овој процес, изјавила медицинската сестра за Епох Тајмс.

Во текстот нема детали за какви смртни случаи станува збор, ниту пак за какви пациенти, од што починале тие, а потоа се споменуваат некакви закажани породувања.

Понатаму, пак, се споменуваат наводи на некој „вработен“ кој испратил мејл до Епох Тајмс, и навел дека „откако е воведена вaкцината, смртноста на фетусот (стапката на мртвородени деца) вртоглаво пораснала од просекот пред вaкцинацијата (еден до два случаи на секои три месеци), само во нејзината болница“.

Или, со други зборови, станува збор за вистинска „каша попара“ од информации.

Споделен е и испратената електронска пошта од анонимните вработени во болницата во Фресно, Калифорнија.

Но, во меморандумот не се споменува вакцинација против ковид-19 и првенствено е фокусиран на информирање на медицинскиот персонал како правилно да се справи со смртните случаи. Згора на тоа, во електронската пошта не се наведува дека бројките се однесуваат само за мртвородени деца.

Фетална смрт се однесува на смрт во секое време од бременоста. Смртните случаи пред 20-та недела од бременоста се спонтани абортуси, додека смртните случаи по 20 недела (или понекогаш 28 недели) се сметаат за мртвородени деца.

Одделенијата за јавно здравје на округот Фресно и Калифорнија, во изјава за Фактчек.орг, потврдиле дека нема значително зголемување на стапката на мртвородени деца откако се воведени вакцините против ковид-19.

Цитирајќи го д-р Џејмс Торп, гинеколог од Флорида кој порано ширел дезинформации за вакцините против ковид-19, „Епох тајмс“ лажно тврди дека меморандумот бил „конзистентен“ со другите податоци за следење на безбедноста на вакцините, покажувајќи дека вакцините се опасни за време на бременост.

Тоа е неточно. Меморандумот не ги вклучува вакцините против ковид-19, ниту пак постоечките докази сугерираат дека вакцинацијата е небезбедна за бремените луѓе и за нивните фетуси. Напротив, вакцинацијата може да заштити од ковид-19, кој може да биде особено опасен за бремените жени и да го зголеми ризикот од компликации во бременоста, вклучително и смрт на плодот.

Стручниот колегиум на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство Скопје (ГАК), Комитетот за безбедно мајчинство на РСМ и Здружението на перинатолози на РСМ издаде препораки во врска со вакцинацијата против ковид-19 за време на бременост. Овие препораки кои Вистиномер ги има објавено и истите се базирани врз студии од светски релевантни медицински институти што се темелат на истражувања во кои се опфатени сериозен број испитаници од оваа категорија на женската популација.

Според овие препораки, вакцинацијата против ковид-19 се препорачува во бременоста, исто како и кај останатиот дел од популацијата. Вакцинацијата е најдобар начин на заштита од штетните ефекти на ковид-19 во бременоста, како за мајката така и за нејзиното бебе, вклучувајќи го предвременото породување и престојот во Одделението за интензивна нега на новороденчето.

Придобивка од вакцинацијата против ковид-19 во бременоста, според овие препораки, е намалување на ризикот од тешка форма на болест кај мајката, намалување на ризикот од спонтан абортус и предвремено породување, како и намалување на ризикот од трансмисија на вирусот кај членовите од семејството и околината.

Според редовно ажурираниот онлајн објаснувач од д-р Викторија Мејл, предавач по репродуктивна имунологија на Империјал колеџ во Лондон, 16 студии ја проценувале безбедноста на вакцинацијата против ковид-19 во однос на раѓање на мртво дете, а ниту една не открила зголемен ризик од раѓање мртво дете по вакцинацијата против ковид-19.

Мета-анализата која прегледува некои од тие студии, како што забележува објаснувачот, „откри дека вакцинацијата против ковид всушност го намалува ризикот од раѓање мртво дете“, најверојатно поради ризикот од инфекција со коронавирус. Мета-анализата, објавена во Nature Communications во мај, откри дека „ризикот од раѓање мртво дете е значително помал кај вакцинираната група за 15 проценти“.

Студијата на Центрите за контрола и превенција на болести на повеќе од 1,2 милиони хоспитализирани породувања помеѓу март 2020 и септември 2021 година, на пример, покажа дека американските жени со ковид-19 имале речиси двојно поголем ризик од раѓање на мртво дете во споредба со оние кои немале ковид- 19. Ризикот бил повеќе од четири пати поголем кога делта варијантата беше доминантна.

Мета-анализата на 111 студии, во кои беа опфатени повеќе од 42.000 бремени жени, покажа дека ковид-19 значително го зголемува ризикот од предвремено породување, прееклампсија, неонатална смрт, смрт на мајката и раѓање мртво дете. Ризикот од мртво раѓање кај оние со ковид-19 бил речиси 2,4 пати поголем отколку кај жените кои не биле заразени со ковид-19.

Податоците од системите за  следење безбедност не откриваат никакви сомнежи во однос на жени кои примиле вакцина ковид-19 доцна во бременоста или сомнежи во однос на здравјето на нивните бебиња.

Научниците не откриле зголемен ризик за спонтан абортус кај жените кои примиле вакцина против ковид-19 непоосредно пред и за време на раната бременост (пред 20-та недела од бременоста).

Светската здравствена организација (СЗО) препорачува вакцинација на бремените жени, но секогаш во консултација со матичниот гинеколог.

Да, бремените жени можат да се вакцинираат против ковид-19, во консултација со нивниот лекар. Во моментов податоците кои овозможуваат оценување на безбедноста на вакцините против Ковид-19 во бременоста се доста ограничени. Но, врз основа на она што го знаеме за вакцините кои се употребуваат, нема конкретна причина за загриженост. Ниту една од досега одобрените вакцини против ковид-19 не користи живи вируси, кои имаат поголема веројатност да претставуваат ризици за време на бременоста. Придобивките може да бидат поголеми за бремените жени кои се позагрозени од ковид-19, како што се здравствените работници, луѓето кои живеат во области со висока трансмисија и оние со здравствени состојби како висок крвен притисок (хипертензија) и дијабетес кои го зголемуваат ризикот од тешка слика на болеста, велат од СЗО.

Настрана од огромните докази дека вакцинацијата против ковид-19 не предизвикува раѓање мртви деца, деталите за наводниот пораст на мртвородени деца во Фресно исто така не кореспондираат со реалноста.

Од Фактчек.орг, контактирале повеќе болници за породување во градот и успеале да го идентификуваат болничкиот систем одговорен за белешката, односно соопштението споделено во Епох тајмс.

Во соопштението, болницата тврди дека е-поштата била за болничката политика, не вклучувала никаква референца за вакцинација против ковид-19 и не била ограничена само на мртвородени деца.

Постојат голем број причини за смрт на фетусот и тоа може да остане необјаснето во некои случаи, рече Сара Путман, директорка за здравје на жени и новороденчиња во Регионалниот медицински центар на заедницата, додавајќи:

Ова беше внатрешен меморандум од член на клиничкиот персонал до другите во одделението, потсетувајќи ги да се придржуваат до политиката на болницата и им се заблагодарува за времето и вниманието што им го дадоа на пациентите. 

Од сето погоре можеме да заклучиме дека анонимната електронска пошта за наводно зголемен број на мртвородени деца поради вакцината против ковид-19 е погрешно интерпретиран. Медицинските факти и докази покажуваат дека вакцините не им штетат ниту на трудниците, ниту на нивните фетуси. Поради сето ова, постот кој го анализираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Лицето кое ја уби 46-годишната Танкица Маладеновска во Кочани на 25 септември доби доживотна затворска казна, соопшти Јавното обвинителство. Основниот суд во Кочани донесе пресуда за злосторникот за кривичното дело...