Дали Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето ќе биде една од жртвите на кризата во спроведувањето на Договорот од Пржино? Утре e последниот ден кога членовите на Анкетната комисија за прислушуваните разговори ќе можат да сослушуваат сведоци или да одат на посета во некоја од државните институции.
Пет дена остануваат до крајниот рок да се одржи седница на која треба да се дадат препораки и уште една недела за комисијата да го поднесе завршниот извештај.
Повеќе од еден месец Анкетната комисија нема одржано ниту една седница, нема извршено ниту една од договорените посети на институции ниту, пак, пред членовите сведочел друг сведок освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој не сакаше да зборува јавно, туку на затворена седница.
Претседателот на комисијата, Петре Шилегов, вели дека сè уште е рано за со сигурност да се каже што ќе се случува понатаму.
– Очигледно дека со непојавувањето на Груевски да сведочи на отворена седница, ВМРО-ДПМНЕ сака комисијата да не работи и да не успее да поднесе извештај – рече Шилегов.
Последната седница на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето се одржа на 17 декември минатата година. На таа седница требаше да сведочи министерот за финансии, Зоран Ставрески, но бидејќи тој се повика на член 4, став 4 од деловникот и побара седницата на комисијата да биде затворена, претседателот Шилегов ја прекина седницата и не дозволи таа да се одржи зад затворени врати. Според него, комисијата е направена за граѓаните да можат да ги следат работата и сведочењата и да имаат увид во аферата со прислушуваните разговори.
Како што се договорија пратениците – членови на Анкетната комсија, од 7 декември до 22 јануари требаше да завршат со посета на институциите и со сослушување на сведоци. На 26 јануари требаше да одржат седница на која ќе дадат препораки и на 29 јануари да го подготват извештајот.
Анкетната комсија беше дел од Договорот од Пржино на барање на СДСМ, за да се обезбеди политичка одговорност за тој што прислушувал и за криминалот за кој се дозна од „бомбите“ што ги објавуваше опозицијата.