Повеќе од 30 отсто од студентите досега се соочиле со условувања од страна на нивните професори да купат книги и учебници за да добијат потпис за редовност или можност за полагање на испит, покажа анкетата што за „Мета.мк“ ја спроведе Инстаграм профилот „Студентарија“.
Случајот со професорката на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, која студентите ја обвинија дека им барала задолжително да ја купат нејзината книга лично од неа за да им ја заведе редовноста, го отвори прашањето дали и колку ваквите случаи се присутни во академската заедница.
За корупцијата во високото образование не се зборува многу. Иако најчесто во некои истражувања се посочува како сериозен проблем, справувањето со корупцијата се одвива тешко, бидејќи, од една страна, студентите поради страв од одмазда не се осмелуваат да пријават, а од друга, оние кои ја поттикнуваат се внимателни, па тешко можат да се обезбедат фактички докази со кои би се докажале тврдењата и пријавите. А, како што укажа случајот со професорката која истовремено е и продекан на еден од факултетите, кон неетичко однесување „знаат“ да прибегнат дури и оние кои се во самите раководства на високообразовните институции.
Резултатите од анкетата покажуваат дека, иако најголем дел од универзитетските професори дозволуваат користење на скрипти и копирани учебници како материјали за предметите што ги предаваат, неретки се појавите кога студентите немаат избор и мораат да ги купуваат оригиналните авторски учебници на своите професори. На повеќето универзитети задолжителната литература и продажбата се регулирани преку правилниците за издавачка дејност, но она што е спротивно на регулациите, а за кое, според анкетата, има индиции дека постои на неколку факултети во земјава, се случаите кога професорите од студентите бараат купување на книги директно од нив, преку плаќање кеш на рака, што пак укажува на еден од видовите корупција во високото образование во Македонија.
Оскудна понуда на бесплатни е-учебници на повеќето универзитети
Анкетата што ја спроведе „Мета.мк“ покажа дека најголем дел од студентите, или над 37 отсто, како материјали за учење на факултет најчесто користат печатени оригинални учебници. Нешто помалку од тоа, 31 отсто, рекле дека користат скрипти, додека 26,6 проценти одговориле дека на факултет користат дигитални учебници кои се достапни онлајн.
Иако дигитални учебници преку е-библиотеки нудат речиси сите државни универзитети, понудата на книги кои се достапни за бесплатно преземање на повеќето од нив е оскудна и не ги вклучува сите студиски програми.
Исклучок меѓу универзитетите е Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде е донесена Процедура за издавање на учебници и учебни помагала во електронска форма, според која бесплатните онлајн книги можат да ги преземаат сите студенти.
Од УГД за „Мета.мк“ потврдија дека сите учебници и учебни помагала им се достапни бесплатно на сите студенти и наставници на универзитетот.
На УКИМ, пак, од вкупно 23 факултети, е-учебници нудат 19, но просечниот број на објавени и бесплатно достапни електронски учебници по факултет изнесува три. Исклучок од просекот се Градежниот, Машинскиот, Природно-математичкиот факултет и ФЕИТ, каде се достапни повеќе бесплатни електронски учебници.
Книгите се купуваат и од книжари, но и од професори
Дека повеќето учебници кои се дел од задолжителната литература по предметите што се изучуваат на факултет се плаќаат, одговориле 68,6 отсто од студентите, додека 31,4 проценти рекле дека материјалите за учење им се бесплатни.
Најголем дел од студентите, односно 75 отсто, на анкетата одговориле дека професорите најчесто им дозволуваат користење на скрипти и копирани учебници. Понатаму, 10,2 отсто рекле дека професорите на нивниот факултет најчесто дозволуваат користење на оригинални учебници купени на старо од постари колеги или роднини. Над 12 отсто од студентите рекле дека од нив најчесто се бара секоја година од книжари да купуваат нови учебници, а 2,7 отсто одговориле дека професорите најчесто бараат да купуваат нови учебници лично од нив преку плаќање кеш на рака.
Кои се факултетите каде студентите велат дека се условувани да купуваат книги за потпис и оцена?
Речиси една третина од студентите, 31,3 отсто рекле дека досега професор на факултет им побарал задолжително купување на книга како услов за добивање потпис за редовност или можност за полагање на колоквиум, односно испит. Со ваква ситуација досега не се соочиле 66 отсто од студентите, додека 2,8 проценти не сакаа да одговорат на ова прашање.
Над 10 отсто од студентите одговориле дека досега имале случки во кои професор им побарал задолжително купување на книга или учебник лично од него, преку плаќање на кеш на рака на професорот. Поголем дел, 87,8 проценти, пак, велат дека не сретнале ваква ситуација за време на нивното студирање.
Според одговорите на студентите на онлајн анкетата, професорите кои најчесто се посочувани како „условувачи“ предаваат на Факултетот за дизајн на мебел и ентериер, Економскиот, Филозофскиот, Природно-математичкиот и Педагошкиот факултет при УКИМ.
Во некои случаи, професорите не ги условувале студентите директно, но вработените во книжарниците на факултетите каде се продавале книгите, по барање на професорите – автори на учебниците, ги терале студентите, при купување на книгите, да се потпишуваат на списоци кои подоцна завршувале во рацете на професорите.
Студенти сведочат и дека некои од професорите вршеле дискриминација за време на полагањето колоквиум или испит – на оние меѓу студентите кои ги купиле нивните книги им дозволувале да читаат од истите, додека на оние студенти кои не купиле книги им било забрането да се потсетат на материјалот од кој било друг извор.
„На Економски факултет при УКИМ во Скопје има професори кои имаат нивни збирки и учебници, па знаат да речат „без домашни од збирка или учебник можете само 8-ка максимум да имате“. А домашните задачи треба да ги скинеме од учебникот и да им ги однесеме на факултет како доказ. Макар и 100 поени да извадиш на испит, ти вели „ќе множиме со 80% и само 8-ка можеш да добиеш, ништо повисоко“. Тешко оние што внимаваат на просек за стипендии и слично“
„Некои професори го прават тоа индиректно. На пример на крајот на книгата има практикум кој што треба да се пополни за да се добие потпис. Значи на некој начин и тоа е условување да се купи книга од професорот, а исто така таа книга веќе не може да ја користи некој друг, туку мора да ја купи за да земе потпис“
„Книгата по предметот е купена од книжара, но вработените од книжарата нè тераа да се потпишеме на списокот кои тие му го доставуваа на професорот“, се дел од коментарите на студентите на онлајн анкетата.
На упатеното прашање до раководството на УКИМ за тоа дали на ниво на овој универзитет некаде и некако е регулирано тоа какви материјали треба и може да користат студентите за време на наставата и дали се обврзани секоја година да купуваат нови учебници, од таму велат дека согласно одредбите на Законот за високо образование, се гарантира слободата на избор на методот на интерпретирање на студиските програми, како и подготвувањето и изборот на учебници и други учебни помагала.
„Литературата (задолжителната, како и изборната) е составен дел од елаборатите за студиските програми за кои решение за акредитација дава државен орган – Одборот за акредитација“, појаснува ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.
Во однос на прашањето за набавување на материјалите секоја година, односно користење на постари оригинални авторски учебници, Јанкуловски вели дека универзитетски акт кој го регулира ова не постои, но треба да се земе предвид динамичноста на подрачјето, односно полето кое се изучува – постојниот развој во даденото поле, новите научни сознанија – за што е потребно печатење на нови учебници и учебни помагала.
„На Универзитетот не постои акт со кој студентите се обврзани за задолжително купување на учебници и учебни помагала. Со цел да им овозможиме полесна достапност до учебниците за нашите студенти, УКИМ во континуитет дава финансиска поддршка за електронско издаваштво, така што голем број учебници и учебни помагала имаат отворен пристап во електронска форма, кои се јавно објавени на веб-страницата на Универзитетот, до која студентите имаат бесплатен пристап“, додава ректорот на УКИМ.
Во меѓувреме, на дел од факултетите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола, купувањето пакет на книги е задолжително уште при уписите, односно студентите не можат да го запишат семестарот без да ги купат задолжителните книги кои на некои студиски програми изнесуваат и по неколку илјади денари. Таков пакет на книги постои и на Факултетот за безбедност, кој е предвиден и во Тарифникот на факултетот.
Од овој факултет за „Мета.мк“ велат дека оваа пракса е во согласност со донесениот Правилник за организирање на издавачката дејност на УКЛО, каде е наведено како и кога се врши продажба на учебници.
Во членот 36 од Правилникот пишува дека „продажбата на учебници и други наслови неопходни за реализација на предметните програми може да се врши и во пакет од страна на единицата на Универзитетот. Секој студент, со запишувањето на семестар, учебниците ги добива во пакет, на почетокот на зимскиот и на почетокот на летниот семестар, преку единицата на Универзитетот за соодветен надоместок утврден според член 39…“.
Во членот 37 од истиот Правилник, пак, се додава дека „доколку студентот има брат или сестра кои студираат во исто време на единицата, тогаш обврска за купување на пакетот има само еден од нив“.
„Кај што има сила, нема правда“ – студентите не се осмелуваат да ги пријават условувањата
Анкетата на „Мета.мк“ покажа и дека, меѓу студентите кои се соочиле со споменатите условувања од страна на нивните професори, само 4 отсто досега ги пријавиле ваквите случаи. Дел од пријавите биле поднесени до раководствата на факултетите или универзитетите, но според одговорите на студентите, пријави биле упатувани и на адреса на Државниот просветен инспекторат и Министерството за образование и наука.
Од друга страна, високи 96 отсто од студентите рекле дека условувањата не ги пријавиле никаде. Најчести причини поради кои не пријавувале се стравот од одмазда на професорите, но и неинформираноста за тоа кои тела се надлежни да постапуваат во ваков случај.
„Од страв. Ништо нема да преземат, а јас никогаш нема да положам“
„Затоа што тоа е начинот на кој функционира образовниот систем. Борбата против професор секогаш е на одмет и штета на студентот“
„Кај што има сила, нема правда“
„Со колешката не знаевме каде да пријавиме, а и постарите студенти ни рекоа дека тоа е нормално“
„Едноставно нема зошто да пријавиме, тоа ќе е само една пријава која нема да биде поддржана од другите студенти од страв да нема некакви последици, па на крајот тој што се осмелил да пријави ќе излезе казнет иако е целосно во право“, велат студентите во своите одговори на прашањето зошто не ги пријавувале случаите кога биле условувани за потпис или оцена.
Онлајн анкетата на „Мета.мк“ беше спроведена преку Инстаграм профилот „Студентарија“ во периодот 29-30 јуни 2022 година и на неа одговориле над 6.100 студенти. Најголем дел од нив, 67,8 отсто, студираат на УКИМ, 13,9 отсто на УГД, 10 отсто на УКЛО, а 8,3 отсто на останатите државни или приватни универзитети.