Поддршката на граѓаните за членство во Европска унија е непроменета од март 2014 година, покажува новото теренско истражување на јавното мислење за ЕУ-интеграцијата на Македонија, спроведено о д Институтот за демократија „Социетас цивилис“. Сепак, како што пишува во извештајот, факторот „промена на името“ на државата кај значителен дел од граѓаните е влијателен при нивната поддршка за интеграцискиот процес.

За влез во ЕУ без отстапки за името на државата, позитивно се изјасниле 58,8 отсто од испитаниците, за влез во ЕУ со отстапки за името се 23,8 отсто, а 13,6 отсто воопшто не го поддржуваат членството на Македонија во ЕУ.

„Мнозинство граѓани перцепираат стагнација во ЕУ-интеграцијата во споредба со март 2014 година. Намалена е перцепцијата дека Македонија напреднала во процесот на ЕУ-интеграција, а зголемен е процентот на испитаници што сметаат дека воопшто не напреднала или се случило назадување. Доколку во 2014 година најголем дел од испитаниците сметале дека Македонија до некаде напреднала, годинава најголем број испитаници сметаат дека Македонија малку или воoпшто не напреднала, односно  57,3 отсто од испитаниците“, пишува во извештајот.

Главна причина зошто Македонија сè уште не е дел од ЕУ, според испитаниците, е неостварувањето на домашните реформи и за ова се изјасниле вупно 32,1 отсто. Според извештајот, има мал пад на мислењето дека главната причина за тоа што Македонија сè уште не е дел од ЕУ се соседните држави, а на ова прашање позитивно се изјасниле  43,8 проценти од испитаниците.