Анкета: Половина од младите поддржуваат легализација на марихуаната, но се сложуваат дека ќе се конзумира неодговорно

Фото: Арбнора Мемети

Легализација и декриминализација на марихуаната се фрази кои во последно време се слушаат сè почесто од страна на неколку организации и здруженија, но и од страна на политичката елита во државата.

Премиерот Зоран Заев рече дека во тек е постапка за декриминализирање на марихуаната. Декриминализација подразбира дека уживателите на канабис нема да бидат казнувани, освен ако не се работи за продажба. Тоа значи дека поседувањето или конзумирањето на марихуана, особено на јавно место, ќе остане нелегално, но или нема да биде санкционирано или ќе биде третирано како прекршок.

За ова веќе со години се залагаат неколку здруженија во државата. Пред извесен период неколку здружени организации под иницијативата „Операција ослободување“  побараа итна декриминализција на одгледувањето на растенија за лична употреба, потоа зголемување на бројот на здравствени состојби за кои може да се користат препарати од канабис, како и овозможување да се отворат социјални клубови. Здружението „БИЛКА“, пак, побара и легализација на канабисот, како нормален тек по декриминализацијата.

Премиерот Заев во неколку наврати, во дебатна емисија, на прес-конференција и во изјава за медиумите, повика да се отвори дебата за декриминализација и легализација и ги повика стручната јавност и политичките субјекти да се произнесат по ова прашање.

Тој рече дека лично поддржува легализирање на марихуаната зашто верува дека преку таа мерка ќе можат да се унапредат услужните дејности кои многу малку партиципираат во државниот БДП.

Околу 52 проценти (2.292 испитаници) од младите кои одговорија на прашањата на кратката анкета на „Мета.мк“ спроведена преку „Студентарија“, би поддржале легализација на марихуаната за лична употреба.

Сепак, речиси ист е и бројот на оние кои се против. На прашањето дали би поддржале легализација на марихуаната за лична употреба во Северна Македонија, негативно одговориле 48 отсто, односно 2.101 испитаник.

Процентите соодветствуваат со резултатите од друго прашање опфатено во анкетата, а кое се однесуваше на тоа дали легализирањето на марихуаната би претставувало закана за здравјето и безбедноста на граѓаните. Така, на ова прашање потврдно одговориле 51 отсто од испитаниците, додека 49 проценти мислат спротивно.

Анкетата покажа дека младите не се доволно информирани или пак не се заинересирани да се запознаат со влијанието и дејството кое марихуаната го има врз човековото здравје.

Нивните мислења се поделени и при споредбата на марихуаната со тутунот и алкохолот. Сепак, најголем дел, 46 проценти, сметаат дека тутунот е поштетен за конзумирање отколку марихуаната.

И покрај поделените ставови, младите се согласни дека доколку биде легализирана, марихуаната нема да се конзумира одговорно. Ова мислење го делат дури 83 отсто од испитаниците.

Високи 89 проценти од младите, сепак, поддржуваат легализација на канабисот кога станува збор за неговата употреба во медицината.

Македонија е една од првите држави на Балканот која го легализираше канабисот за медицинска употреба. Од земјите во регионот, чекор напред во легализирањето на мариханата направи Бугарија. Таму граѓаните, со посебни дозволи од државата, можат и да одгледуваат канабис. За легализација на канабисот во медицински цели веќе неколку месеци се зборува и во Албанија, додека во Србија и покрај повеќето иницијативи, во моментов нема такви најави. Интерес за целосна легализација на марихуаната се чини има и во Хрватска. Јавните расправи за ова прашање сè уште се актуелни во оваа држава.

На анкетата која ја спроведе Новинската агенција „Мета“ во соработка со Инстаграм профилот „Студентарија“ во периодот 12 – 13 ноември 2020, одговорија повеќе од 4.300 испитаници. Иако не станува збор за професионално спроведена анкета на репрезентативен примерок, сметаме дека резултатите даваат веродостојна слика за ставовите на младите по прашањето за легализација на марихуаната.