Извор на фотографија: Министерство за здравство

Околу 34 отсто од испитаниците во анкетата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ одговориле дека не би се вакцинирале против ковид-19, а 16 отсто не донеле одлука дали сакаат или не сакаат да се вакцинираат. Останатите 50 отсто изразиле подготвеност да се вакцинират, кога им било поставено прашање дали би се вакцинирале утре, ако има вакцини на располагање.

Теренската анкета е спроведена со 1.010 испитаници во периодот 17 февруари – 10 март 2021, а главните прашања поставувани на неа биле за работата на Собранието.

Најголемиот дел од оние испитаници што рекле дека би се вакцинирале, како најдобра ја избрале вакцината на „Фајзер“ (39 отсто), потоа руската „Спутник В“ (21 отсто), па кинеската „Синофарм“(6 отсто), потоа вакцината против ковид-19 на „Модерна“ (5 отсто), а најмал број граѓани ја навеле вакцината „АстраЗенека“ (2 отсто).

Интересна е и бројката дека 27 отсто од граѓаните не знаат или немаат одговор за тоа која вакцина ја претпочитаат.