fbpx

Анкета на НДИ: Политичката ситуација е најгорливиот проблем првпат од 2001 година

-

Првпат по воениот конфликт во 2001 година, генералната политичка ситуација во Македонија е најгорливиот проблем за граѓаните, а потоа следуваат невработеноста, сиромаштијата, економската криза и платформата на водачите на албанските партии, покажува анкетата што во март ја спровел американскиот Национален демократски институт (НДИ), со финансиска поддршка од УСАИД.

Речиси две третини од анкетираните, односно 65 отсто, веруваат дека земјата се движи во лоша насока, 44 отсто сметаат дека најгорлив проблем е политичката ситуација, односно политиччката криза, додека само 8 отсто од граѓаните сметаат дека земјата оди во добра насока. Дури 60 отсто од граѓаните сметаат дека мнозинството пратеници треба да направат нова влада, а повеќе од половина (51 отсто) веруваат дека СДСМ и неговите коалициски партнери имаат законско право да ја водат владата. Само 40 отсто од анкетираните, пак, сметаат дека формирањето влада од мнозинството пратеници без давање мандат од претседателот Иванов ќе биде легитимно.

Кај Македонците претседателот на државата е институцијата во која најмногу веруваат, додека за Албанците е обратно. Тие најмногу му веруваат на Специјалното јавно обвинителство, кое е на второ место според Македонците. Речиси 60 отсто од граѓаните сметаат дека треба да биде продолжен мандатот на Специјалното јавно обвинителство за да гони кривични дела произлезени од „бомбите“. Судовите и Јавното обвинителство, пак, се институциите на кои најмалку им се верува во Македонија.

Дури 81 отсто од граѓаните на Македонија не ја прочитале платформата на албанските партии, а само 1,8 отсто сметаат дека таа треба да биде приоритетна работа за новата влада.

Увереност дека нема странски фактор што помага за заштита на македонските национални интереси, имаат 38,8 отсто од Македонците, а од Албанците само 11,6 отсто го делат тој став. Нешто повеќе, односно околу 20 отсто од испитаниците веруваат дека ЕУ најмногу ги заштитува македонските национални интереси, тие што се определиле за САД се 9,6 отсто, а тие што гледаат кон Русија се 8 отсто.

18,2 отсто од Албанците веруваат дека националните интереси на земјата најмногу ги поткрепуваат САД, а со нив се сложуваат само 6,9 отсто од Македонците. Тие, пак, повеќе ѝ веруваат на Русија – дури 10 отсто сметаат дека Русија е најдобриот поддржувач на националните интереси на Македонија.

Анкетата за НДИ e спроведена по телефон од 17 до 21 март на национално-репрезентативен примерок од 807 возрасни граѓани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Урбани велосипедисти утре ќе вртат кругови околу „Ист Гејт Мол“

За прв пат во Скопје, Амбасадата на Холандија и „Гоу Грин“, организираат Портокалова велосипедска тура, па посетителите што ќе дојдат, со велосипеди ќе вртат кругови околу трговскиот центар „Ист...