Дури 64 отсто од граѓаните на Северна Македонија веруваат дека земјата се движи во погрешна насока, покажува најновата нкета на јавното мислење на Националниот демократски институт (НДИ).
Мало мнозинство граѓани во Северна Македонија (52 отсто) сметаат дека има назадување на демократијата. Високи 58 проценти од граѓаните ја преферираат демократијата како систем на владеење, но се скептични дека основните принципи како владеење на правото се достижни. На 56 отсто од испитаниците квалитетот на живот им е поважен од демократските стандарди.
Парадоксално, 72 отсто преферираат и демократско управување но и владеење со „цврста рака“.
Економијата/можностите за вработување (37 отсто), како и здравствените услуги/ковид-19 (21 отсто) се главни проблеми за испитаниците, додека недовербата во судството (67 отсто) и јавното обвинителство (63 отсто) и понатаму опстојува.
„Граѓаните немаат доверба во политичарите, а 53% од испитаниците немаат доверба во ’ниту еден политичар’ и очекуваат власта да работи на подобрување на економијата и здравството“, изјави Роберт Скот Хејзлет, директор на НДИ во Северна Македонија, додавајќи дека „загриженоста за политичката неказнивост и блокираните европски
интеграции продонесуваат кон лошите перцепции за иднината на државата и нејзините демократски капацитети“.
Поддршката за Европската Унија е намалена во Северна Македонија. Иако 67 отсто од испитаниците би гласале за членство во ЕУ, перцепциите за ЕУ се влошени, а 19 отсто се против членството во ЕУ – процент кој во 2018 изнесувал 10 отсто.
Поддршката за НАТО останува висока со 63 отсто (64 отсто во 2018), додека противењето на воениот сојуз се зголемило за 9 отсто во однос на 2018, и сега изнесува 24 отсто.
Позитивното мислење за Турција, Русија, САД и Кина е зголемено во однос на 2018. Граѓаните имаат најдобро мислење за Турција (52 отсто, зголемено од 42 отсто во 2018)) и Русија (48 отсто, кое се зголемило од 32% во 2018). Позитивното мислење за САД (43%) и Кина (38 отсто) е намалено.
Испитаниците остануваат лично загрижени за состојбата со ковид-19. Значајно мнозинство од испитаниците се „многу загрижени“ за пандемијата, а власта доби лоши оценки за рестрикциите и комуникацијата за време на пандемијата, иако граѓаните имаат доверба во владините податоци поврзани со ковид-19.
Дури 87 отсто од испитаниците веруваат дека во медиумите се шират и дезинформации, а 68 отсто им веруваат на социјалните мрежи, а се информираат преку пријателите, семејството и колегите. Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб се доминантните платформи преку кои граѓаните се информираат, но испитаниците преферираат да дискутираат за политика и вести лице во лице, а не во интернет просторот.
Ова истражување е нарачано од НДИ, а спроведено во Северна Македонија од страна на ИПСОС во март и април 2021, на репрезентативен примерок од 2410 испитаници, со маргина на грешка +/- 2%, преку CAPI и CAWI телефонски и интернет анкети.
Ова истражување е финансирано од страна на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Резултатите не секогаш ги претставуваат ставовите на НДИ, УСАИД, или владата на САД.