fbpx

Анкета на НБРМ: Инфлацијата стабилна, економијата годинава ќе оди во минус 4,3 отсто

-

Народната банка на Северна Македонија ги објави резултатите од анкетата за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на бруто домашниот производ, спроведена во септември годинава. Анкетираните економски аналитичари изјавиле дека и понатаму очекуваат умерена, ниска и стабилна инфлација, а во однос на економскиот раст, нивните очекувања се дека ќе има постепено надминување на кризата и закрепнување на економијата во следните две години.

„Резултатите не упатуваат на позначителни промени за просечната стапка на инфлација. Поконкретно, просечните очекувања за 2020, 2021 и 2022 година се речиси непроменети, во однос на претходната анкета од јуни и упатуваат на просечна стапка од 0,6 отсто во 2020 година, а за 2021 и 2022 година и натаму се очекува просечна инфлација од 1,3 отсто и 1,6 отсто. Оцените на анкетираните економски аналитичари упатуваат на ниска и стабилна инфлација, како до крајот на оваа година, така и во претстојниот двегодишен период, со постепен раст на цените“, стои во соопштението на НБРМ во врска со заклучоците од анкетата што Народната банка ја спроведува четири пати годишно и која ги претставуваат ставовите на економските аналитичари.

Тие изјавиле дека во следните две години очекуваат постепено надминување на кризата и закрепнување на економијата. Годинава падот на економијата ќе биде подлабок, од 4,3 отсто, а нешто повисок економски раст ќе има во 2021 и 2022 година, 2,7 отсто и 3,4 отсто. Ваквите очекувања се поврзуваат со: неизвесноста од глобалната криза од вирусот ковид-19 и можноста за воведување нови рестриктивни мерки, неизвесната странска побарувачка и нејзиното влијание врз домашната економија, намалувањето на домашната побарувачка, како и воздржаноста на странските и домашните инвеститори и пониската кредитна активност.

Анкетата покажала дека аналитичарите очекуваат оти преземените монетарни и фискални мерки, напредокот во евроатланските интеграции и оптимизмот за пронаоѓање на вакцината за справување со корона-вирусот, како и забрзаното остварување на капиталните проекти ќе имаат позитивно влијание врз економијата во наредниот период и ќе придонесат за забрзување на нејзиниот раст.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.