fbpx

Анкета на ИКС: Политичките партии главен извор на дезинформации

-

Меѓу македонските граѓани доминира мислењето дека политичките партии и медиумите најмногу шират дезинформации. Голем дел од нив мислат дека можат да препознаат дезинформации, но признаваат дека понекогаш им се случува самите да споделат лажна информација. Граѓаните главно се информираат преку телевизијата, Фејсбук и веб-сајтовите, но многу малку им веруваат на медиумите.

Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење за способноста на граѓаните да препознаат и да се справат со дезинформации, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) го реализираше во текот на октомври како дел од проектот „Користи факти“.

Ставот дека политичките партии најмногу шират дезинформации доминира кај повеќе од половината од популацијата над 55-годишна возраст. Од друга страна, пак, најчест одговор кај младите е дека тоа го прават медиумите, иако често се споменуваат и политичките партии.

Главните наоди укажуваат на тоа дека поголем дел граѓани повеќе пати дневно се информираат за случувањата од светот. На прашањето „Кои теми најмногу ве интересираат?“ поголем дел испитаници ги избрале економијата и политиката, по што следуваат спортот, музиката и забавата, а на крај се климата и животната средина. Повозрасната популација најмногу ја интересира политиката, додека младите се најзаинтересирани за музиката.

Како извор на информирање најчесто се користи телевизијата, а на второ и трето место се Фејсбук и веб-сајтовите. Граѓаните на возраст од 18 до 44 години најмногу се информираат преку Фејсбук, додека пак телевизијата е најпопуларна кај групата граѓани од 45 до 64 и над 65-годишна возраст.

Што се однесува на довербата во медиумите, повеќе од половина од испитаниците изјавиле дека се сомневаат во сите вести што ќе ги прочитаат. Речиси третина проверуваат како е пренесена веста во другите медиуми, додека само 4 проценти од граѓаните имаат целосна доверба во медиумите и во вестите што ги читаат.

Повеќе од половина од граѓаните мислат дека понекогаш можат да препознаат дезинформации и сметаат дека понекогаш им се случува и тие самите да споделат неточни информации. Гледано според родот, мажите се посигурни дека секогаш можат да препознаат дезинформации во однос на жените.

Што се однесува на споделувањето дезинформации, една третина од граѓаните одговориле дека воопшто не им се случило да споделат, помал дел сметаат дека тоа им се случува често, додека повеќето сметаат дека понекогаш им се случува да споделат вести што се неточни.

Граѓаните се поделени и во врска со нивните ставови за теориите на заговор поврзани со Европската Унија. Па така, разликата помеѓу оние што се согласуваат дека ЕУ ги измислила вакцините за време на коронавирусот како механизам за контрола на граѓаните и оние што не се согласуваат со тоа е незначителна. Гледано според возраста, мнозинството граѓани на 25-34-годишна возраст (52 отсто) одговориле дека не се согласуваат со изјавата, додека во другите возрасни групи не се големи разликите помеѓу оние што се согласуваат и што не се согласуваат со веста.

Резултатите од анкетата покажуваат дека во Македонија е потребно уште многу да се работи на зголемување на способноста на населението за препознавање на дезинформации и на нивните извори, но и на зајакнување на професионалноста во медиумите што би ја вратило довербата кај населението. Враќање на довербата е потребна и кај политичките партии.

Истражувањето е реализирано преку телефонска анкета на примерок од 1.010 полнолетни граѓани во октомври 2022 година, со цел да се утврди свесноста на граѓаните за заканите од дезинформации и нивните извори, да се утврди знаењето и вештините за препознавање дезинформации, како и однесувањето на граѓаните во однос на дезинформациите.

Истражувањето го спроведе Институтот за комуникациски студии, во соработка со Институтот за демократија „Социетас цивилис“, како дел од проектот „Користи факти“ кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Целиот извештај од истражувањето на способноста на граѓаните за препознавање и справување со дезинформации прочитајте го ТУКА.

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК нема да може сама да се справи со евентуални кибер напади и дезинформации

Кибер напади, дезинформации, логистички пречки - овие ризици се закана за кредибилитетот на изборните процеси, истакна денеска првиот човек на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. На денешната панел...