АНКЕТА: Младите не се запознаени со можностите што ги нуди ЕУ за финансирање научни проекти

Photo by Julia Koblitz on Unsplash

Најголем број од младите во земјава, вклучувајќи ги студентите и постдипломците, не се запознаени со можностите кои им се нудат за развивање на проекти и нивно профилирање во областа на науката и научната дејност. Според Извештајот за следење на напредокот на Македонија кон ЕУ за 2021 година, државата направила минимален и лимитиран напредок во полето на наука и истражување. Токму ваквиот заклучок на ЕУ, беше повод Мета.мк да спроведе онлајн анкета меѓу младите во земјава.

Имено, Европската Комисија досега има финансирано разни проекти во кои македонски државјани имале можност да се вклучат. Една од главните програми финансирани од ЕУ е програмата за истражување и иновација, Horizon 2020, чија главна цел е да овозможи напредок и вработувања во сфера на науката за одржливо паметни и инклузивни професии. Во Извештајот е наведено дека земјава во 2021 напреднала со процесот на вклученост во Програмата во однос на годината пред неа, но и покрај тоа, процентот на учество во Horizon 2020 останува низок од 11,7 отсто. Освен споделување на информацијата, во земјата не биле направени никакви други промоции и иницијативи за запознавање со програмата Horizon 2020, ниту за поддршка на апликантите.

Поради ваквиот заклучок на ЕУ, Мета.мк се одлучи во периодот од 29 до 31 декември 2021 година да направи онлајн анкета со студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Медицинскиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство со прашања за рамковната програма Horizon 2020 и за тоа дали тие би спровеле свое истражување и колку веруваат дека државата има можност и дали ќе го поддржи. Во анкетата учествуваа вкупно 112 студени.

На прашањето „Колку сте запознаени со рамковната програма ‘Horizon 2020’?“, на 49,5 отсто од студентите одговориле дека прв пат слушаат за такво нешто, а 47,7 отсто воопшто не биле запознаени со ваквата програма. Само 1,8 отсто од испитаниците рекле дека се запознаени со оваа програма, додека минорни 7,2 отсто рекле дека слушнале, но не знаат за што точно се работи.

Истото прашање, Мета.мк го постави и до професорот д-р Ефтим Здравевски, кој е редовен професор на ФИНКИ и добитник на призанието најдобар научник во областа на техничко-технолошките науки за 2020 година.

Професорот Здравевски одговори дека тој лично е запознаен со оваа програма и е информиран од страна на факултетските служби. И покрај тоа, тој вели дека од Македонија има многу малку учесници во вакви програми, а уште помалку носители. По негово видување, за тоа постојат неколку причини причини.

„Прво, тоа е слабата административна поддршка од факултетите и универзитетите на истражувачите. Имено, научникот во времето што му останува после наставните обврски треба да подготви обемна документација и потоа да го води проектот справувајќи се со многубројни административни задачи. Дополнително, мислам дека научниот кадар нема доволно искуство или желба да се справи со целиот административен товар, по што практично и не останува време за истражувањето. Друг предизвик е формирањето на научна мрежа со учесници од други земји. Малите можности за патување на научни конференции, особено за младите научници, магистранти и докторанти, практично оневозможуваат запознавање на колеги од други држави кои се неопходни за успешна апликација за Horizon проекти“, вели тој.

Според, проф. д-р Здравевски, во последните години се забележува напредок на ова поле  благодарение на COST (Европска кооперација за наука и технологија) програмите кои се финансирани од Европската Комисија. Една од главните цели на овие т.н. акции е вмрежување на научници, со цел во иднина да може да аплицираат за Horizon 2020 и други посериозни проекти. Тој посочува кон тоа дека индивидуалниот став при учеството во COST акции треба да биде насочен кон остварување на нови контакти за идна соработка.

„Негувањето на овие контакти бара посветеност и после самите патувања. Но, за жал, сведок сум дека понекогаш ваквите патувања не се искористуваат соодветно. Често учесниците од Македонија (па и други држави од регионот) имаат лежерен став како на туристичко патување, а не со јасна цел да запознаат колеги со кои би можело да се соработува во иднина“, забележува професорот Ефтим Здравевски.

Мета.мк на онлајн анкетата го постави и прашањето „Која е главната пречка за развивање на научната дејност во земјава“, при што 82,1 отсто од студентите кои учествуваа во анкетата се изјаснија дека тоа е недостатокот на опремен простор и недоволниот број на лаборатории и простории за истражување.

Воедно, 69,6 отсто од анкетираните студенти рекле дека главната причина која ги спречува да започнат свое научно истражување е недостигот на финансиски средства.

Универзитетскиот професор Ефтим Здравевски за ова смета дека за поголем број од истражувањата поврзани со компјутерски науки и инженерство, во државата и особено на Факултет на кој е вработен, веќе има достапни ресурси. Тој вели дека во тек е и дополнително доопремување на лабораториите и компјутерскиот центар на ФИНКИ. Според него, она што недостасува се ресурси за работа на облак (како што се Amazon AWS, Microsoft Azure, Google Cloud и слично). Исто така, до неодамна недостасуваa ресурси (компјутери опремени со GPU картички) за работа со длабоко учење (deep learning).

„Со овие недостатоци, за жал, се снаоѓаме индивидуално. Во мојот случај, аплицирав и добивав грантови од Microsoft и Nvidia, зашто без соработката со колеги од странство моите истражувања ќе беа во многу помал интензитет. Исто така, ресурсите достапни преку консултантски ангажмани кога немаше конфликт на интереси, ги користев и за научни истражувања. Сепак мора да се напомене дека од разговор со други колеги кои работат во други научни дисциплини, ситуацијата е многу незавидна. Имено тие се соочуваат со многу поголеми предизвици заради недостаток на опрема, реагенси, па дури и човечки кадар“, истакнува професорот.

Во однос на финансиската поддршка, додека работел на своите истражувања тој се финансирал преку својата плата и интерните проекти на ФИНКИ. Неговите истражувања за кои ја доби титулата најдобар научник во 2020 година се од областа на примена на машинско учење (анг., machine learning) и анализа на временски серии (анг., time series analysis) кај големи податоци (анг., big data), како и со системи за складишта на податоци (анг., data warehouses, data lakes) во облак.

„Министерството за образование исто така континуирано доделува награди за објавени трудови со фактор на влијание. И покрај тоа, ова финансирање е далеку од тоа што се обезбедува во странство. За илустрација, ваквата награда од МОН во најдобар случај може да покрие до 50 отсто од трошоците за објавување во научни списанија со отворен пристап (open-access journals). Слично, средствата доделени од ФИНКИ за учество на научни конференции се често многу помали од самата котизација. Патните трошоци за физичко учество на конференции се многу големи и најчесто лично ги покриваме. Заради тоа, учеството на конференции во странство, особено повеќе пати во годината, претставува луксуз“, објаснува Здравевски.

„главни причини според мене се недостатокот на време и финансиска мотивација“

Преку прашалникот, на анкетата Мета.мк ги постави и прашањата до студентите за тоа дали во иднина во Македонија би земале учество во, или би спровеле свое научно истражување, дали веруваат дека Македонија како држава обезбедува услови за спроведување научни истражувања и дали мислат дека ако имаат идеја, државата би го подржала нивното истражување/идеја/проект.

Резултатите велат дека студентите се заинтересирани за учествуваат или да спроведат свое научно истражување. 17,5 отсто од нив одговорија потврдно на прашањето, додека 42,1 отсто рекле дека веројатно би зеле учество или би спровеле свое истражување.

Огромен дел од нив сметаат дека Македонија има потенцијал да развие услови за проширување на научната дејност и поголемиот дел од студентите веројатно би спровеле свое истражување. Дури 67,9 отсто сметаат дека земјава има потенцијал за да обезбеди услови за спроведување научни истражувања.

Интерес кај студентите се јавува и според мислењето на професорот Ефтим Здравевски, кој вели дека потврда за тоа е дека многу од нив по дипломирањето веднаш заминуваат на магистерски студии во странство.

„Мотивацијата на секому е индивидуална, па некои тоа го користат како чекор за да се излезе од државата (иако некои од нив тоа однапред не си го признаваат, но времето тоа го покажува). Сепак, мислам дека повеќето студенти сакаат да се соочат со предизвици на реални истражувачки проекти кои понатаму би можеле да се применат и во комерцијални цели. Недостатокот на истражувачки проекти кои целосно би го финансирале студирањето на младите истражувачи (магистранти и докторанти) и би обезбедиле плата е главна причина зошто тие заминуваат во странство. Магистрантите кои студираат во државата најчесто се вработуваат како програмери, па обврските за магистерските студии им се секундарни. Така, истражувањата ги прават со мал интерес, недоволно време и мала мотивација (пред сè финансиска), па соодветно и резултатот е далеку помал од нивниот вистински капацитет“, вели тој.

Сепак, на онлајн анкетата што ја спроведовме, дури 58,3 отсто од анкетираните одговориле дека државата можеби понатаму би го поддржала нивниот експеримент/проект, но дека е потребно уште време за развој. Ваквиот одговор се поклопува со стручното мислење на проф. д-р Ефтим Здравевски во однос на тоа дека сега студентите не се доволно мотивирани за започнување на било каков потфат.

Развивањето на научно-истражувачката дејност во земјава зависи од новите и идните генерации на студенти, магистерски профили и стручни кадри на универзитетите. Она што е од исклучително значење е тие повеќе да бидат вклучени во процесот на едукација за преземање нови потфати, при што државата треба да се ангажира и во финансирање на идеите од полето на науката.

Д-р Ефтим Здравевски забележува дека голем број автори на публикации со фактор на влијание што се индексирани во Web of science се вработени на ФИНКИ. Исто така, неодамна беше објавено дека неколку автори вработени на УКИМ се на листата од 2 отсто највлијателни научници во светот.

Покрај ова, идните инженери и стручните лица на факултетите размислуваат дека Македонија располага со потенцијал за подобрување на своите услови за развој на научната област, што ја прави охрабрувачка идејата за развивање на земјата и преземање на вистински мерки.

Инаку, програмата Horizon 2020 заврши во јануари минатата година и неа ја наследи 9-та рамковна програма, позната како Horizon Europe чие реализирање ќе трае до 2027 година. Horizon Europe има пет главни мисии: адаптација на климатските промени со вклучена социјална трансформација, изнаоѓање лек за ракот, чистење и „заздравување“ на водата на Земјата (океани и мориња), намалување на емисиите на штетни гасови и здрава почва. Покрај ова, како цели се поставени и лансирањето на Европското иновативно собрание, зајакнување на меѓународни партнерства при учество во проекти и придонеси за развој на источно европските земји.

Република Северна Македонија учествува во проектите финансирани од Европската Комисија уште од 2007 година, иако не е земја членка на ЕУ. Сите заинтересирани да станат дел од Horizon Europe програмата за добивање на грантови може да аплицираат на следниот ЛИНК.