АНКЕТА: Младите користат јавен превоз оти мораат, сонуваат да возат автомобил [инфографик]

Фото: Архива на Мета.мк

Популарноста на јавниот превоз кај нас е во постојан пад, и тоа особено кај младите. Најголемиот дел од младите се корисници на јавниот превоз поради бесплатните билети, бидејќи немаат друг избор. Поголемиот дел од нив уште веднаш, а се подразбира и понатаму во иднината, за свое превозно средство би го избрале автомобилот, доколку имаат можност за тоа.

Доцнењето или понекогаш дури и недоаѓањето на автобусите на одредената станица поради нарушениот возен ред, намаленото ниво на хигиена, постоењето на поделба при студирањето на различни приватни и државни факултети кај студентите и чувството на недоволна безбедност се некои од главните причини кои предизвикуваат незадоволство кај младите од користењето на јавниот превоз.

До овие заклучоци дојде „Мета.мк“ откако спроведе анкетно истражување на тема користењето на јавниот превоз кај младите, која што ја реализираше во соработка со „Студентарија“ во периодот од 7 до 8 март годинава. Анкетата се состоеше од шест прашања на кои одговор дадоа приближно 5.208 испитаници, во најголем дел на возраст од 17 до 26 години.

Според резултатите, на прашањето колку често воопшто го користат јавниот градско-приградски превоз, 36,6 отсто од испитаниците одговориле дека секој ден се возат со јавен превоз, а 21,6 отсто се изјасниле дека никогаш не го користат како опција.

На прашањето „Колку сте задоволни од јавниот градско-приградски превоз што го користите во вашата општина?“ најголемиот дел, односно 47,2 отсто одговориле дека се делумно задоволни, додека помалку од 10 отсто рекле дека се целосно задоволни од јавниот превоз.

По спроведувањето на анкетата, Мета.мк стапи во контакт со универзитетскиот професор по јавен градски превоз, Никола Крстаноски од Техничкиот факултет во Битола за да побара негово стручно мислење за добиените анкетни резултати.

Тој вели дека кај нас многу малку е негувана свеста на младите за придобивките од користење на јавен превоз.

„Секако основна причина е нискиот квалитет на услуга што се добива со јавниот градски превоз во нашите градови“, објаснува за Мета.мк професорот Крстаноски.

Резултатите од анкетата покажуваат дека најчести причини на незадоволство поради кои младите не сакаат да го користат или не би го користеле секојдневно јавниот превоз како опција, се нечистотијата на автобусите или комбињата (27 отсто), а блиску до тоа, 26,1 отсто се изјасниле дека причина за незадоволство е лошиот и нередовен возен ред.

„Искуствата секаде во светот покажуваат дека јавниот градски превоз може да биде привлечна алтернатива за мобилност во градот само ако нуди висок квалитет на услуга соодветен на потребите на жителите на градот. Во спротивно, јавниот градски превоз го користат само оние кои мораат, односно немаат избор“, ги објаснува проф. д-р Никола Крстаноски во однос на анкетните резултати за причините за незадоволство кај младите од употребата на јавниот превоз.

„Како женско секогаш сум под ризик да сум сексуално вознемирена во автобус“, вели една од младите испитанички.

Инаку, студентите во земјава располагаат со билети кои им овозможуваат бесплатно користење на услугите на јавниот градски превоз во главниот град. Сепак, само студентите кои се запишани на некој факултет од државните универзитети го уживаат ова право, додека студентите кои учат на приватна високообразовна установа немаат шанса за добивање на бесплатен автобуски билет за градските линии.

„Не се секогаш точни, а и не се почитуваат правилата и протоколите за ковид. Премногу е гужва во автобусите и на станиците“, објаснува еден учесник во анкетата.

Ова е една од можните причини поради која 38,7 отсто од испитаниците се изјасниле дека по престанокот на користење на бесплатниот студентски билет ќе престанат да се служат и со јавниот превоз. На нашето прашање „Дали во иднина откако ќе престанете да го користите бесплатниот средношколски и студентски билет, би продолжиле да го користите јавниот превоз?“, 35,1 отсто од испитаниците одговориле дека не знаат како да одговорат на ова прашање, додека 26,2 отсто одговорија сепак ќе продолжат да ги користат и во иднина услугите кои ги нуди јавниот превоз.

На прашањето „Доколку би имале можност за избор, кое превозно средство би се одлучиле да го користите најмногу во моментов?“, високи 60 отсто од анкетираните млади велат дека би избрале автомобил. Потоа следуваат 21,3 отсто кои би избрале велосипед, додека јавниот превоз би го искористиле само 7,7 отсто од испитаните лица.

Покрај ваквите загрижувачки одговори во однос на денешната перспектива, одговорите за изборот на младите за 10 години од сега се уште понегативни. На прашањето „Кое превозно средство мислите дека би се одлучиле да го користите најмногу во животот, за 10 години од сега?, најголемиот број од испитаниците би одлучиле да користат автомобил – 81,4 отсто, додека јавниот превоз како опција во иднина најмногу би го користеле само 2,3 отсто од анкетираните.

Некои од одговорите на прашањата беа дополнети со коментари, кои ги дообјаснуваат истите. Според анкетираните млади лица, некои од главните причини поради кои одбегнуваат или воопшто не го користат јавниот превоз, покрај општите, имаат и поинаква природа.

„Во Куманово веќе неколку месеци нема превоз, не може да се одбере фирма на тендер, претходниот што го имаше откако почна короната е во термини кои им одговараат на шоферите, денеска сакаат да возат и ќе возат, утре не“, коментира еден млад соговорник.

Причините дека автобусите доцнат или воопшто не доаѓаат, како и непочитувањето на правилото за носење заштитна маска, се повторуваат кај повеќе од коментарите што ги добивме од младите лица во земјава.

Резултатите што „Мета.мк“ ги доби од анкетата делуваат поразително во однос нанеопходното користењето на јавен превоз. Според мислењето на младите кои се јавуваат како најчести корисници на градско-приградските автобуски линии, како и стручното мислење на проф. д-р Никола Крстаноски, потребни се итни промени во системот на јавниот превоз во Македонија. Со регулирање на возниот ред да функционира навремено и зачестено, подобрување на чистотата на автобусите, како и додавање градски линии што ќе функционираат и во другите градови, интересот за користење на услугите на јавниот превоз има потенцијал да се покачи, а со тоа да се придобие и свеста кај младите за придобивките од градење на политика за почиста, благопријатна урбана средина.

Продолжува утре: Стручна анализа на професорот Никола Крстаноски: Зошто младите не сакаат да користат јавен превоз?