Фото: НАТО | nato.int

Мнозинството од македонските граѓани веруваат дека земјава е побезбедна поради членството во НАТО, а ја сметаат и Алијансата за значајна во однос на идната безбедност на земјава. Сепак, најголем дел од граѓаните не веруваат дека македонските медиуми ја кажуваат вистината за инвазијата на Украина, покажува најновото анкетно истражување спроведено од НАТО во сите 30 земји-членки на Алијансата пред одржувањето на претстојниот Самит на НАТО во Мадрид.

Над 70 отсто од граѓаните кои живеат во земјите-членки на НАТО ја сметаат Алијансата за значајна во однос на идната безбедност на нивната земја и го поддржуваат членството во НАТО. Исто така, истражувањето покажа дека 60 отсто од граѓаните во 30-те земји-членки сметаат дека нивната земја е побезбедна како резултат на соработката меѓу земјите од Европа и Северна Америка во Алијансата. Високи 84 отсто од анкетираните граѓани рекле дека би гласале нивната земја да остане земја-членка на НАТО доколку се спроведе референдум.

Истражувањето во Северна Македонија е спроведено на примерок од 500 возрасни испитаници по случаен избор од целата земја, кои биле интервјуирани по пат на телефонска анкета.

Кај македонските граѓани, анкетата покажува дека 60 отсто од нив мислат дека земјава е побезбедна поради соработката меѓу земјите од Европа и Северна Америка во НАТО. Малцински 32 отсто сметаат Северна Македонија е помалку безбедна, додека 8 отсто одговориле „не знам“.

Извор на инфографик: НАТО

На прашањето дали би гласале за или против Северна Македонија да остане земја-членка на НАТО, 65 отсто од македонските граѓани одговориле дека на референдум би гласале „за“ нивната земја да остане членка на НАТО, 31 отсто би гласале „против“, додека 4 отсто од анкетираните ја избрале опцијата „не знам“.

Македонските граѓани биле прашани и дали се согласуваат со тврдењето: „со нашето членство во НАТО е помалку веројатно дека странска земја ќе нè нападне“. Мнозински 56 отсто од граѓаните се согласиле со ова тврдење, 14 отсто ниту се согласуваат ниту не се согласуваат, додека 30 отсто не се согласуваат со ваквото тврдење.

Она што загрижува во овогодишната анкета спроведена од НАТО се одговорите на македонските граѓани во однос на медиумите. На прашањето „дали им верувате на медиумите во вашата земја дека ја кажуваат вистината за инвазијата во Украина“, само 3 отсто од анкетираните рекле дека целосно им веруваат на медиумите. Дополнителни 30 отсто одговориле дека донекаде им веруваат на медиумите во известувањето.

Извор на инфографик: НАТО

Наспроти ова, 31 отсто од граѓаните рекле дека донекаде не веруваат дека медиумите ја кажуваат вистината за инвазијата во Украина. Уште 32 отсто од испитаниците одговориле дека воопшто не им веруваат на македонските медиуми при известувањето, а 3 отсто одговориле на ова прашање со опцијата „не знам“.

Напишете коментар

Внесете го вашиот коментар
Please enter your name here