Потребата повеќе да се зборува на темата за менталното здравје секојдневно се зголемува, а тоа може да се забележи и по дискусиите, проектите и програмите што се планираат и спроведуваат од страна на организации и здруженија. Менталното здравје и говорењето јавно и слободно за истото треба да е незанемарлив дел од животот на секој млад човек како во странство така и во земјава.
Од тие причини, во развиените земји во Европа и светот, на различни работни позиции следува можност за психолошка поддршка или советување на вработените. Истиот метод, многу од земјите веќе со години го нудат и на своите универзитети преку поддршка и советување од стручни лица кои работат со студентите.
Во Северна Македонија застапеноста на вакви советувалишта на факултетите на државните и приватни универзитети е многу мала, со исклучок на Медицинскиот факултет при УКИМ, Универзитетот Св. Климент Охридски Битола (УКЛО) и Американ Колеџот, иако паралелно на тоа, нивното воведување има сериозна важност и придобивка за студентите. Ова за „Мета.мк“ го потврдува и психотерапевтот проф. д-р Драгана Батиќ, која е вработена на Факултетот за безбедност при УКЛО.
Д-р Драгана Батиќ, заедно со проф. д-р Гордана Ристевска-Димитровска, психијатар и психотерапевт, која предава на Високата медицинска школа во Битола за време на учебната 2018/2019 година го основаа првото бесплатно психолошко советувалиште наменето за студентите во рамките КРЕДО центар на УКЛО.
„Во нашата држава, за жал, не постојат советувалишта за млади, така што, освен во класични психијатриски установи и приватна пракса, студентите немаат каде да се обратат за разговор и разрешување на некои свои интимни проблеми. Токму овој факт
беше пресуден да се отвори психолошко советувалиште за студенти на универзитетот, што е вообичаено за универзитетските центри во западните земји“, забележува д-р Батиќ.
Покрај нејзиното стручно мислење, „Мета.мк“ во периодот меѓу 26 и 27 април заедно со „Студентарија“ спроведе анкета за потребата од постоење на советувалишта од ваков тип на факултетите. На онлајн анкетата одговорија околу 6.435 испитаници, студенти и други млади лица.
Според направената анкета од вкупно 7.228 одговори, најголемиот дел, 68 отсто се студенти на УКИМ, 15 отсто се студенти на УГД, 10 отсто се од УКЛО и останатите 7 отсто се студенти на другите државни и приватни универзитети во земјава.
На прашањето дали сметате дека треба да се воведе бесплатно психолошко советувалиште на факултетот на кој сте запишани, високи 91 отсто или 5.946 од вкупниот број на одговори (6.583), одговориле со „да“, додека само 9 отсто или 574 го мислат спротивното.
Според кажувањето на професорката Батиќ, основната цел на советувалиштето е унапредување на менталното здравје на студентите преку развивање на здрави животни стилови, негување на отпорност, како и помагање во разрешување на актуелните развојни проблеми.
„Сметам дека сите млади заслужуваат да имаат бесплатно психолошко советување. Студентите треба да имаат можност да ја добијат психолошката поддршка и советување на самиот факултет/универзитет, каде секојдневно престојуваат, каде не се потребни никакви предуслови, услугите се бесплатни, а анонимноста на разговорите е загарантирана, во склад со етичките принципи и кодексот на нашата струка“, вели таа.
Советувалиштето при УКЛО работи врз принцип на доверливост преку индивидуално или групно психолошко советување, психоедукативни работилници и предавања, како и работилници за развој на животни вештини.
Д-р Драгана Батиќ појаснува дека на психоедукативните работилници се отвораат теми кои се од егзистенцијална важност за сите луѓе, па и за младите, како што се: прашањата за самодоверба, љубов, односите со другите, добросостојбата, губиток и уште многу други за кои студентите, како што вели таа, немаат прилика често да разговараат.
„Студентите кои ќе се јават во советувалиштето, без разлика на тоа дали индивидуално или групно, се чувствуваат прифатено и уважено, за да можат да се отворат и слободно да зборуваат за себе и своите проблеми“, истакнува д-р Батиќ.
Советувалиштето работеше активно и за време на пандемијата, со тоа што од 2020 година сите активности се одвивале онлајн, а била воспоставена и телефонска линија.
„За да се утврди состојбата на студентската популација за време на пандемијата, Психолошко советувалиште – УКЛО спроведе истражување, чии резултати покажаа дека една третина од студентите имаат значајна анксиозност и изразена депресивност, а една третина од студентите имаат ниска резилиентност, каде жените се помалку порезилиентни од мажите. Секој втор студент покажува знаци на трауматизација и алармантен пораст на суицидалната идеација кај студентите (1 од 5 студенти или речиси 20 отсто) имале идеја за суицид. Околу 6 отсто од студентите речиси секој ден помислуваат на смрт или на самоповредување“, споделува д-р Батиќ, која заедно со проф. Ристевска-Димитровска се автори на истражувањето.
Своето мислење за тоа дали постапката за воведување на советувалиште за психолошка поддршка треба да се стави на листата на приоритети на оние факултети каде истото недостасува, солидни 89 отсто, или 4.853 од 5.465 анкетирани лица, се изјасниле дека треба.
Причините за позитивниот одговор на претходното прашање варираат зависно од индивидуалните потреби на студентите, а најголемиот дел од нив, 57 отсто или 1.236 лица, се согласуваат со сите наведени опции: подобрување на комуникацијата со професорите, потреба од советување за време на полагање, справување со товарот од учењето, промената на одржувањето на настава, онлајн или со физичко присуство. Постојат и 4 отсто од анкетираните кои велат дека има и други причини или дека воопшто не е потребно советувалиште.
Проф. д-р Драгана Батиќ смета дека досега студентите кои се обратиле кон советувалиштето се мошне задоволни и се зголемува нивниот интерес за подобрување на комуникацијата со другите и справување со своите проблеми, а нејзиниот став се одразува врз основа на анонимен прашалник за евалуација, кој како што објаснува, се изготвува по завршувањето на секој циклус на психоедукативни работилници.
„Она што го научиле за време на работилниците и вебинарите го сметаат за применливо во секојдневниот живот, пред сè за разбирање на сопствените емоции како и на емоциите на другите луѓе, надминување на непријатните психички состојби како избегнување на нервоза и стрес, конфликти и унапредување на вештините на самоизразување. Повеќето од студентите за прв пат учествуваат во ваков тип на работа на себе“, вели таа.
За време на првата средба меѓу претставништвото на студентското собрание на УКИМ и младите пратеници во Собранието на РСМ на 3 февруари годинава беше дискутирана иницијативата на студентите за подобрување на менталното здравје, како и потребата на правото на бесплатна психолошка помош за секој студент.
Батиќ потенцира дека долгорочна оддржливост и примена на овие активности и на останатите универзитети би можела да се обезбеди преку соработка со одредени психотераписки школи. Освен тоа, таа додава дека со студентите работат и на креативно уредување на Фејсбук страната на советувалиштето, што дополнително помага во процесот на дестигматизација на темата за менталното здравје. Исто така, студентите го проценуваат како голема предност тоа што работилниците се одржуваат на факултет без никакви дополнителни предуслови и што услугите се бесплатни.
Покрај понудените опции, анкетата остави можност и за додавање забелешка или друг коментар во однос на оваа тема. Во повеќе анонимни одговори се забележува дека советувалиште за психолошка помош и поддршка е потреба, како за студентите, така и за професорите.
Понатаму, се вели дека на целиот образовен систем му фали поголема едукација во однос на менталното здравје и освен на универзитетите, во секоја друга институција со образовен карактер е потребно вакво нешто. Останатите белешки велат дека ваква инцијатива е добробит и се дава поддршка за истата.
Во суштина, во нашето општество се неопходни реформи во образовнието во полето на воведување на психолошки центри за поддршка и советување. Иницијатива за полесно зборување за работи што не се видливи, а за кои сепак има потреба од советување, труд и работа за нивно подобрување, треба постојано да се нагласува и да биде поттикната од младите луѓе, со цел општеството да добие нови, ментално здрави и функционални личности.