Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ јавно алармира и бара итна истрага за сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња на територијата на град Скопје. Како што оттаму наведуваат во соопштението до медиуми, во изминатите денови во Карпош била забележана појава на нова глутница кучиња кои се целосно непознати за локалното население и тврдат дека станува збор за животни кои не припаѓаат на постоечката улична популација и кои според сведоштвата на граѓаните, се појавиле буквално преку ноќ.
„Кучињата се нестерилизирани и необележани, што јасно укажува дека не станува збор за природен прираст, туку за насилна и организирана дислокација“, сметаат во „Анима Мунди“.
Оттаму тврдат дека се работи за организирано внесување кучиња, затоа што ЈП „Лајка“ нема оставено, ниту пак има испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје.
„Граѓаните со години ги познаваат кучињата во своите маала – овие животни не се нивни. Нашето здружение на терен пронајде кучиња со ушни маркици од Република Албанија, на улица во Скопје, факт кој отвора исклучително сериозно прашање за нелегален, па дури и прекуграничен транспорт и напуштање на животни“, велат оттаму.
Од „Анима мунди“ бараат проверка на сите безбедносни камери, јавни и приватни, на локациите каде кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје.
„Бараме МВР и Јавното обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара овие животни, затоа што ова не е изолиран чин, туку логистички организирана активност. Масовното напуштање и дислоцирање на кучиња претставува суровост, но и сериозна општа опасност. Затоа одамна бараме измена на законската рамка. Поднесовме конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, со кои бараме најстрого регулирање на сопствеништвото на кучиња, како и предлог-измени на Кривичниот законик со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност ќе се третираат како кривични дела, по примерот на Република Хрватска“, се додава во соопштението.
Истовремено оттаму упатуваат јавен и итен повик до ЗЕЛС да го отвори ова прашање и да се дискутира на ниво на сите градоначалници.
„Ниту Лајка, ниту било кое јавно претпријатие не можат да го решат овој проблем во услови на институционална инертност и толерирање на криминал. Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана. Бараме истрага, одговорност и итни мерки веднаш и насекаде за да се фатат сторителите и најстрого одговараат, согласно закон“, се наведува во соопштението од „Анима мунди“.
