„Анима Мунди“ бара дозволи за активистите да се грижат за бездомните животни вон полицискиот час

Фото: Арбнора Мемети

Од Здружението за заштита на животните, „Анима Мунди“ бараат да им се овозможат дозволи за движење на активистите кои се грижат за бездомните кучиња.

„Ние ги почитуваме мерките на Мининистерството за здравство и Владата, ја разбираме сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме и во ниту еден случај не би ги нарушиле предвидените мерки и процедури, но веќе со недели укажуваме дека е неопходно да се согледа аспектот на нашето дејствување (со кој ја помагаме државата и општините) и бараме итно да ни биде дозволено движење во ограничен временски рок со цел грижа (храна, вода, основна вет. помош) за бројните бездомни животни за кои се грижиме“, велат од Анима Мунди.

Оттаму велат дека со денови талкаат низ институционалните лавиринти со цел да обезбедат дозволи за (контролирано, временски ограничено и одговорно) движење на активисти кои се грижат за бројни бездомни животни. Посочуваат дека овие животни зависат од човечка грижа и не можат да бидат оставени со денови без храна и вода, додека трае полицискиот час.

Од Здружението посочуваат дека доставиле барања до државните институции, но се уште нема решение. Одредени поединци добиле дозволи, додека други се одбиени, без образложение.

Имено, од „Анима мунди“ и претходно апелираа да се дозволи шетање на милениците за време на полицискиот час. Првично тоа беше овозможено од понеделник до петок, навечер, од 20 до 20.30 часот. А подоцна, откако се воведе 24 часовен полициски час за викендите, односно во сабота и во недела, на граѓаните им е дозволено да ги изнесат милениците надвор три пати во денот: наутро од 8 до 8.30 часот, попладне од 15 до 15.30 часот и навечер од 20 до 20.30 часот.