Повеќе пари кај граѓаните и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање нови работни места и исплата на повисоки плати, се целите на ребалансот на буџетот за 2019 година што министерката за финансии Нина Ангеловска ги посочи пред пратениците на пленарна седница во Собранието. Со ребалансот се алоцираат средства онаму каде што ќе има најголема ефикасност и каде што може да се постигнат поголеми ефекти.

Како што посочи министерката, поставените цели за 2019 година целосно се насочени во функција на постигнување на клучните приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО. 

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на буџетот, за 2019 година се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 228,2 милијарди денари. Во овие рамки дефицитот останува непроменет во однос на планираниот со буџетот, односно е позициониран во износ од 17,7 милијарди денари, односно 2,5 отсто од БДП.

За државниот долг Ангеловска рече дека на 30 јуни 2019 година изнесува 4.374,6 милиони евра, односно 38,4 отсто од БДП, додека јавниот долг изнесува 5.300,2 милиони евра, односно 46,6 отсто од БДП со што Македонија е умерено задолжена земја. Таа додаде дека вкупните потреби за финансирање во 2019 година изнесуваат 34 милијарди денари и дека ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.