Со ребалансот на буџетот се обезбедува поддршка за поголеми плати во приватниот и јавниот сектор, повеќе средства за активни мерки за вработување и средства за проектот „МојДДВ“, преку кој за помалку од три месеци на граѓаните ќе им биде извршен поврат на ДДВ, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска образлагајќи го истиот на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Според нејзе, со ребалансот се обезбедува распределбата на поголем дел од јавните приходи кај граѓаните, директно вложување во потребите и потенцијалите на луѓето и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање на нови работни места и исплати на повисоки плати во приватниот сектор и за сите работници.

„Притоа, поставените цели за 2019 година целосно се насочени во функција на постигнување на клучните приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО“, рече Ангеловска.

За состојбите во економијата Ангеловска посочи дека растот на економската активност во првото полугодие од 2019 година продолжи со посилен интензитет споредено со растот во 2018 година и изнесува 3,6 проценти.Таа истакна дека континуираното забрзување на растотот минатата и позитивните движења годинава даваат основа за реализација на проекцијата за економски раст во 2019 година од 3,5 проценти.