Во услови кога Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намалува проекцијата за глобалниот раст, по втор пат годинава ја зголемува проекцијата за растот на македонската економија. Ова значи дека изгледите за растот на македонската економија се добри, а уште побитно е дека зборуваме за раст кој се должи на добри резултати во сите економски сектори, рече во интервју за „Гласот на Америка“, министерката за финансии Нина Ангеловска, која учествува на Годишните средби на Светска банка и ММФ во Вашингтон.

ММФ во својот есенски извештај порача дека глобалната економија забавува и дека има најслабо темпо на развој од светската финансиска криза наваму.

-Според последната проекција на ММФ растот е ревидиран на 3,2 проценти, после првата ревизија направена во април. Ова значи дека изгледите за растот на македонската економија се добри и добро е што зборуваме за раст на една широка основа при раст на инвестициската активност, на градежништвото, на потрошувачката, на извозот, на кредитирањето на приватниот сектор. Оттука си даваме за право да кажеме дека македонската економија е во добра кондиција, се движи во добра насока и можеме да кажеме дека е реално очекувањето да се постигне проектираниот раст од 3,5 проценти, којшто воедно е проекција на Министерството за финансии, но и на Народната банка – рече Ангеловска.

Министерката за финансии посочи и дека со влезот на земјата во НАТО се очекува поголема економска и политичка стабилност. Таа додаде дека ако се гледа искуството на земјите кои пристапија во 2004 година во НАТО, е дека економскиот раст забрзува. Ангеловска потенцираше дека кај интеграциите е битен и процесот кој земјата го минува пред да стане членка, односно сите реформи кои се прават за да се обезбедат подобри услови за живот на граѓаните.