Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на тркалезна маса со Тао Жанг, заменикот на директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард, којашто се одржа во неделата, во Дубровник, Хрватска.

Настанот беше организиран во рамки на втората заедничка конференција на Хрватската народна банка и ММФ, насловена „Демографијата, вработувањето и растот: Управување со иднината во Централна, Источна и Југоисточна Европа“.

Во овој контекст, и на тркалезната средба со високиот претставник на ММФ, Жанг, на која учествувале петнаесетина гувернери на централни банки и министри за финансии од земји од Централна, Источна и Југоисточна Европа, акцентот бил ставен на предизвиците на пазарот на трудот.

„Гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна и на состојбите на пазарот на труд во нашата економија, истакнувајќи дека тековно се забележува континуиран раст на работоспособното население и раст на вработеноста, но дека според проценките на меѓународните институции, на среден рок се очекува забавување на тој раст. Тоа наметнува потреба од особена внимателност и од таргетирано делување на пазарот на труд и кај нас, преку натамошно спроведување активни политики и мерки насочени кон пазарот на труд, подобрување на квалификуваноста на работната сила, но и поопшто, спроведување структурни реформи и јакнење на институциите, со што ќе се забрза процесот на конвергенција кон повисоки нивоа на доход“, информираат од Народна банка.

Високиот претставник на ММФ, Жанг и учесниците на тркалезната маса заеднички заклучиле дека намалувањето или бавниот раст на работоспособното население во услови на неповолни демографски движења и емиграција претставува предизвик за сите земји во регионот на ЦИЈЕ.

Тоа упатува на потребата од преземање повеќе мерки за зголемување на стапката на активното население, особено на жените, продолжување на животниот век на населението, зголемување на квалификуваноста на работната сила, како и поттикнување иновации и автоматизација.