Фото: Народна банка

Во периодот што претстои главните предизвици за носителите на политиките ќе бидат двојни, вели гувернерката на НБРСМ, Анита Ангеловска-Бежоска додавајќи дека од една страна, и натаму ќе треба да се обезбедува поддршка за економиите во закрепнувањето од кризата, но добро насочена и со соодветен обем.

„Глобалната економска криза од 2008/09 година покажа дека носителите на политиките не треба наеднаш да запираат со мерките за поддршка на економиите во справувањето со шокот, а овојпат тоа е нагласено и заради примарниот, здравствен карактер на кризата. Но, од друга страна, ќе треба да се внимава во одредувањето на карактеристиките на макроекономскиот стимул, за да не се предизвикаат нерамнотежи“, рече Бежоска.

Во своето излагање на Балканска недела на бизнисот, во организација на Институтот за бизнис и менаџмент „Хајделберг“ и Академијата за банкарство и информатичка технологија (АБИТ), Бежоска се осврна на повеќе клучни прашања за предизвиците со коишто се соочуваат носителите на политиките во економиите од избувнувањето на корона-кризата наваму, како и за предизвиците што се очекуваат, посебно осврнувајќи се на македонската економија.

„Кога е напишан на кинески, зборот „криза“ е составен од два знака. Едниот претставува опасност, а другиот претставува можност. Се надевам дека ја оставивме опасноста зад нас и сега ќе ги искористиме можностите за да ја подобриме благосостојбата на нашите економии“, порача гувернерката на крајот на излагањето.

На настанот учествуваа високи претставници на повеќе централни банки од регионот.