Нашите граѓани и натаму претпочитаат да штедат во банкарски депозити, пред останатите расположливи инструменти, рече денеска гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на одбележувањето на Светскиот ден на штедењето.

„Со крајот на минатата година, банкарските депозити зафаќаат околу две третини од вкупната финансиска актива на населението и ова учество е зголемено споредено со преткризниот период. Следни според обемот се пензиските заштеди, кои учествуваат со 17 проценти, додека заедничкото учество на вложувањата во хартии од вредност и во удели во инвестициски фондови е осум проценти, а на полисите за животно осигурување нешто над еден процент. Според Извештај на Виенската иницијатива причините за конзервативниот однос на домашното население кон други инвестициски алтернативи, и во услови на опаѓачки каматни стапки, може да се лоцираат во сѐ уште недоволно изградената инвестициска култура што доведува до слаб интерес за вложувања на пазарот на капитал“, додаде Ангеловска-Бежоска.

Таа додаде дека амбиентот на ниски каматни стапки што веќе подолго време е наша реалност, се чини дека ќе се задржи и во следниот период.

„Падот на каматните стапки досега не влијаеше позначително врз склоноста на нашите граѓани за штедење во банките, што е важно за одржувањето на севкупниот финансиски сектор. Имајќи предвид дека во нашата економија депозитите претставуваат главен извор на финансирање на банкарските активности, за домашните банки е важно и во следниот период да одржат конкурентни услови за штедењето“, додаде гувернерката.

На крајот на третиот квартал вкупните депозити изнесуваа 6,4 милијарди евра и забележаа годишен раст 10,1 отсто во однос на 2018 година. Депозитите на населението во истиот период забележаа годишен раст од 9,3 отсто и достигнаа 4,3 милијарди евра.