fbpx

Ангеловска-Бежоска: Долгорочен економски раст преку здрави структурни политики

-

Гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на панел-дискусијата за улогата на монетарната политика во процесот на реална конвергенција на економиите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ) кон оние од еврозоната, која што се одржа во рамки на годинешната Конференција за европска економска интеграција, организирана од Австриската централна банка.

Таа истакна дека улогата на монетарната политика, првенствено треба да се однесува на превенција од ранливости во економијата и одржување на ценовната и финансиската стабилност, како неопходни предуслови за побрз раст.

„И покрај изразено приспособливата политика во посткризниот период, реалната конвергенција во земјите од регионот на Централна и Југоисточна Европа е забавена, што упатува дека монетарната политика не може да биде супститут за здрави структурни политики кои што се неопходни за зголемување на потенцијалот за долгорочен раст на економиите“, рече Ангеловска-Бежоска.

Таа посочи на постојаното монетарно олабавување во посткризниот период, укажувајќи на поддршката која што централните банки ја даваа кон економскиот раст, преку намалување на каматните стапки и преку обезбедување дополнителна ликвидност.

 

Конференцијата за европска економска интеграција која што изминативе два дена се одржуваше во Виена, Австрија, е еден од најзначајните традиционални настани во централнобанкарската заедница на коишто се дискутира за прашања клучни за европската економија. Годинешново конференциско издание тематски беше посветено на можноста финансиските текови да ѝ помогнат на Европската унија во промовирањето економска, социјална и територијална кохезија и солидарност меѓу земјите членки и воопшто во Европа.

Во Виена, гувернерката Ангеловска-Бежоска оствари и повеќе билатерални средби со гувернери и други високи претставници на неколку централни банки, професори и истражувачи на реномирани универзитети и истражувачки центри, како и со претставници на повеќе меѓународни финансиски институции и организации.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Никој во последниве години не одговарал и не бил осуден за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“. Мета.мк ги побара податоците од Кривичниот суд за тоа колку пресуди биле донесени...