Ангелов: Спречено ширењето на пожарот над селото Будинарци

Фото: Фејсбук-страница на ЦУК, 9 август 2021

Ширењето на големиот шумски пожар над малешевското село Будинарци е спречено со предизвикување контра-пожар, рече претпладнево на прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. Тој рече дека на борбата со огнената стихија кај ова место ангажирани се повеќе од 500 лица, од кои 136 пожарникари од Австрија со 52 возила, 45 пожарникари од Словенија со четири возила, 25 бугарски пожарникари со пет возила, како и над сто домашни и локални припадници на институциите и локално население.

Во врска со определени изјави во јавноста дека товарот со пожарите е на локалното население, Ангелов рече дека пожарите ги гаси државата и дека ЦУК е благодарен за големата помош на населението.

Во Македонија утрово сè уште имаше неколку активни пожари, рече тој.

„Вчера имаше 14 активни пожари, моментално се само четири и очекуваме во текот на денот да биде изгаснат оној кај Будинарци. Во гаснењето на овој пожар се ангажирани повеќе од 500 лица“, изјави директорот на ЦУК.

Тој информираше дека романскиот авион „Спартан“ до пладне ќе го гаси пожарот кај Буковиќ, општина Сарај и рече дека копнените противпожарни сили се повлекуваат бидејќи авионот ќе фрла масивни количества вода, што можее да биде опасно за луѓето на терен.

Според извештајот на ЦУК за состојбата со пожарите до 8.30 часот, пожарот во атарот на делчевското село Нов Истевник, односно во Пасјак Маало, кој почна уште на 2 август, конечно е локализиран и ставен под контрола, исто како и другите пожари во Делчевско. Екипите што беа ангажирани во гаснењето на пожарот се повлечени. На терен се останати само вработените од Шумско стопанство Голак од Делчево кои дежураат. Во резерва во с. Тработивиште се лоцирани припадници на АРСМ, ако има потреба да интервенираат.

Пожарот кој исто така започна на Илинден, кај м.в.Бeјаз Тепе, е се уште активен во атарот на с. Будинарци во општина Берово. На терен се присутни противпожарните екипата од Словенија и од Австрија. Пожарот делумно е ставен под контрола а екипите работат на негово целосно локализирање каде гори високостеблеста борова шума, смрека, стрништа и сува трева.

Во општина Штип пожарот кој е во атарот на селата Драгоево и Селце сeуште е активен но е ставен под контрола. Екипите во моментот се повлечени но во договор со Директорот на ШС- Серта и Градоначалникот, на теренот е оставена цистерна со вода и луѓе од месното население. Екипи на ШС и ТППЕ од Штип на ден 10.08.2021 година во 06:00 часот одат повторно на терен.

Од ловиштето „Јасен“ известуваат дека има 24:00 часовно дежурство на делот на планината према ловиштето Јасен. Во моментов пожарот е стишан и нема опасност за да се прошири према ловиштето. Се гледа чад од страна на село Раовиќ каде гори мешана шума и е на доста непристапен терен.

Од ШС Караџица известуваат дека пожарот над село Раовиќ се дели на два крака, едниот е насочен кон Матка додека другиот оди далеку над селото Раовиќ, на многу непристапен терен, на истиот во утринските часови на терен се екипи од АРСМ, ДЗС и локалното население.

Во општина Петровец пожарот кај село Дивље е под контрола, нема опасност за селото и населението. По дејствувањето на пожарникарите од БППЗ на град Скопје, ШС Караџица како и локалното население, пожарот е насочен накај Средно Коњаре.

Пожарот во атарот на Ракле- Никодин- Топлица е приземјен, но не е завршен. Позади с. Топлица кон с. Крстец, има чад но намалува со интензитетот. Со досегашните дејствувања со воздушната поддршка. Екипа на ЈП Мак. Шуми – Црн Бор Прилеп, со 7 работници се на терен, како и 3 војници од АРСМ. (општина Прилеп).

Пожар во с. Војница, гори нискостеблеста шума и смрека. На терен се ТППЕ- Велес со 2 возила и 6 пожарникари, комунално Чашка со 1 возило и 5 лица, шумско- Велес со 2 возила со 10 лица и 3 полицајци од Чашка. Пожарот се уште не е изгаснат, но е ставен под контрола.