Андреа гостуваше на националното финале за Евровизија во Романија

Фото: фејсбук профил на Eurovision Macedonia

Македонската претставничка на Евровизија 2022, пејачката Андреа гостуваше на националниот избор за претставничка песна од Романија каде за прв пат во живо ја испеа „Circles“ премиерно во својата финална верзија.

Дел од програмaта беа и настапите на неколку актуелни евровизиски претставници од другите земји, Intelligent Music Project од Бугарија, Zdob și Zdub & Frații Advahov од Молдавија, Владана од Црна Гора, Ronela Hajati од Албанија, We Are Domi од Чешка.

Романската национална телевизија ТВР го одбра својот евровизиски претставник за Евросонг 2022 во Торино. Домаќинот приреди импресивно шоу Selecţia Naţională со десет финалисти, но и гости од други земји со програма атрактивна за сите евровизиските фанови ширум Европа. Симпатиите на домашната публика и жири ги освои WRS со песната „Llamame“.

Андреа победи на националниот избор на македонски претставник на Евровизија според гласовите на жирито. Песната „Circles“ е оригинално дело на  македонскиот композитор и музички продуцент, Александар Масевски дополнета со моќниот глас на младата пејачка. 66-то издание на на „Евросонг“ ќе се одржи во арената „Пала Олимпико“ во Торино, Италија по минатогодишната победа на италијанскиот рок бенд „Манескин“ на изборот што се одржуваше во Ротердам, Холандија. Андреа ќе настапи во втората полуфинална вечер на 12-ти мај.