Андоновски: Предлагаме со закон да се забранат нелегалните онлајн коцкарници

„Ги известивме глобалните приредувачи на игри на среќа кои што не добиле и не аплицирале никогаш за лиценца во Македонија дека се во спротивност со законот“, рече министерот

Фото: Macau Photo Agency на Unsplash

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски на гостување во ТВ 24 кажа дека во Законот за електронски комуникации се предлага забрана на нелегалните онлајн игри на среќа или онлајн коцкарниците. Тој кажа дека во Македонија лиценци за приредување онлјан игри на среќа нема ниту една приватна институција, а граѓаните знаат дека бројни такви се присутни, детектирани се околу 160 провајдери кои што се присутни на македонскиот пазар, а немаат лиценца за организирање на онлајн игри на среќа.

Тој кажа и дека Министерството за дигитална трансформација работело на законските измени координирано со останатите институции кои што се засегнати во оваа област.

„Ги известивме глобалните приредувачи на игри на среќа кои што не добиле и не аплицирале никогаш за лиценца во Македонија дека се во спротивност со законот и паралелно на тоа работевме на измени на законот, гледавме да не упаднеме во надлежностите на министерството за финансии, УЈП и државната лотарија и заедно со нив стигнавме до законско решение кое што помина на Влада, а по 7 дена е влезено собраниска процедура и очекувам да помине на комисијата за дигитална трансформација“, кажа Андоновски.

Според него, ова е еден од начините да се спречи младите да имаат достапност до нелегалните онлјан игри на среќа и да споделуваат податоци кои што лесно можат да бидат злоупотребени.

Промените во Законот следуваат откако Мета пред речиси три месеци пишуваше за невидливата зависност, која е проблем на многумина млади за кој речиси никој не зборува. Проф. д-р Лилјана Игњатова, адиктолог и психијатар со долгодишно искуство во градење на политики за дроги и зависничко однесување, професорка на Медицинскиот факултет во Скопје и психијатар во Центарот за превенција и третман на зависности при Психијатриската болница во Скопје, во разговор за Мета кажа дека онлајн коцката е поадиктивна и полесно развива зависност.

„Полесно е да регулирате коцкарница каде што се оди со физичко присуство, во таков случај малолетници не би можеле да влезат. Младите се многу почесто инволвирани во онлајн коцкањето, а овде е потешко следењето, контролата и регулацијата. Потребно е да се регулира оваа дејност, потребно е учество на сите значајни фактори во градењето на политиките за превенција и регулација на коцката, онлајн коцката и видеоигрите вклучително и на индустријата. Компаниите треба да биде бидат наш сојузник, а не да мислат дека ние нивната добивка ќе ја намалиме. Потребно е ранливите млади да не влегуваат во казино или пак онлајн да се коцкаат. Некои од младите кои ќе развијат зависност, за нив треба да има пограми за третман“, кажа тогаш проф. Игњатова.