Анџела Прајс Агелер потврдена за нова амбасадорка на САД во земјава

Анџела Прајс Агелер е потврдена за нова амбасадорка на САД во Северна Македонија, објави на Твитер демократското мнозинство во американскиот Сенат. Прајс Агелер доаѓа на местото на Кејт Брнз, која ја извршуваше функцијата во Скопје од 2019 година, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.

Сенатската комисија за надворешни работи минатата недела имаше сослушување за нејзината номинација, на кое таа рече дека „ќе работам да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија со која ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните актери“.

Таа тогаш кажа дека САД и Северна Македонија имаат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрување на владеењето на правото и зајакнување на доброто владеење.

„Ако бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност во истрагата на наводите за злоупотреба и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето. Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери“, рече Агелер.