Анализи на „Младите можат“: Менталното здравје е табу-тема, кариерното советување на младите подзаборавено

Фото: Мета.мк

Институцијата училиштен психолог сè уште се однесува само како коректив каде се испраќаат ученици кои имаат намалено поведение, слаби оцени или учествуваат во физичка расправија. Ова е една од причините зошто 60 отсто од средношколците на темата ментално здравје се информираат преку социјалните мрежи, додека само 9 отсто од нив тоа го прават преку училиштата, гласат заклучоците од Анализата на моменталната состојба за средношколците и пристапот за услови за ментално здравје што беше презентирана на денешниот настан „Дали образовниот систем гради целосни личности?“ во организација на граѓанското здружение „Младите можат“.

Добиените резултати покажуваат дека иако се забележува прогрес, ова сè уште е табу тема во општеството, младите не се чувствуваат слободно да посетат психолог, а доколку се одлучат за тоа, самите психолози се пренатрупани со административни работи или често се случува еден психолог да биде надлежен за над 1.000 ученици.

Анализата во која покрај анкетирање на ученици, во фокусот се ставени и предлози од експерти, психолози и младински работници, е спроведена од Центар за мултидисциплинарен развој „Процес“. Според податоците што ги открива, неопходно е да се подобри информираноста на средношколците за темата ментално здравје и истата треба да се пренасочува кон онлајн просторот.

„Ако 60 отсто од младите се информираат онлајн, тогаш ние треба да сме таму и таму да ги промовираме нашите програми. Ним им е потребно таму да ги слушнат овие програми“, посочи Анита Николовска, извршна директорка на „Младите можат“.

Во изјава за Мета.мк, Анита Николовска посочува шокантни податоци од анализата, односно дека 88 отсто од средношколците никогаш не биле повикани на разговор, ниту пак доброволно сами отишле на разговор со училиштен психолог.

„Дополнително, ковидот уште повеќе ја влошува ситуацијата, бидејќи имавме момент каде што на учениците никако не им беше достапна ваква услуга и сервис“, вели Анита Николовска.

Врз основа на извршените анализи од нивна страна, на денешната конференција беа промовирани трите пилот програми посветени на унапредување на положбата на младите во образовниот систем: Програма за подобра грижа за менталното здравје на учениците во образовниот систем, наменета за наставници и психолози во средни училишта; Програма за кариерно советување на средношколци, наменета за учениците од средните училишта и Програма за градење на капацитети на кариерни советници во рамки на средните училишта.

Програмата за подобрување на менталното здравје на учениците е пилот проект што предвидува две работилници во месецот што ќе се одржуваат за време на одделенските часови, а авторката и психотерапевт Тиана Ивановска посочи дека програмата е направена врз основа на анкета на ученици и ги опфаќа најчестите проблеми со кои се соочуваат средношколците.

„На група наставници им го поставивме прашањето што прават на класните часови и добивме одговор дека се разговара за актуелни теми како и за проблеми во училиштето. Истото прашање го поставивме и на група ученици и морам да кажам дека одговорите беа доста различни. Учениците одговорија дека спијат, се караат, повторуваат од научениот материјал, се расправаат за неоправдани дури и дека не го одржуваат класниот час. Ова не е напад према наставниците, туку доказ дека наставниот кадар е преполнет со бирократија“, изјави Тиана Ивановска од Себесложувалка .

Во текот на изминатите 20 години речиси секое училиште има кариерен центар. Сепак, не сите од нив се функционални и активно им служат на учениците, забележуваат податоците на истражувањето направено како база за пилот програмата за подобрување на процесот. Кариерното советување во средното образование кај нас не е онакво како што е во развиените земји.

„Само 50 отсто од учениците знаат што е кариерно советување, а 10 отсто од нив тврдат дека во нивното училиште има кариерен центар за советување. Значи, 90 отсто од учениците тврдат дека нема ваков центар во нивните училишта. Исто така, професијата кариерен советник не постои во националната класификација“, подвлече Ивана Дојчиновска Стојановиќ од Асоцијацијата на кариерни советници, која е една од авторките на програмата за кариерно советување.

Програмата за подобрување на капацитетот на кариерно советување ќе опфаќа групно советување на учениците, поминување на целиот циклус на кариерно планирање и подготовка за пазарот на труд, како и една до три сесии индивидуално советување на учениците со кариерен советник.

Третата програма се темели врз правилното обучување на професорите, односно градењето на капацитети на кариерни советници во рамки на средните училишта.

„Програмата за градење на капацитетите на кариерни советници опфаќа: планирање на кариера, индивидуално и групно советување, активно барање на работа и пазар на труд и соработка со бизнис заедницата. Оваа програма е за наставниците во средните училишта сè со цел тие понатаму да можат да ја спроведуваат програмата и да им помагаат на учениците при кариерното советување во текот на сите четири години во средното образование. Истата ќе се имплементира 3 години и замислата е да биде 60% теорија и 40% пракса, а ќе биде спроведена од професионални советници искусни во областа“, објасни Славица Тасева од Асоцијацијата на кариерни советници.

Во делот на препораките, Анита Николовска вели дека две се клучни.

„Пред сè, нѝ треба ревизија на програмите и вметнување на програми поврзани со менталното здравје и кариерниот развој во самите курикулуми, така што препорачуваме ревизија на овие програми, вметнување на повеќе попрактични методи за работа и понови методи. Втората главна препорака е доближување, промовирање на темата ментално здравје на социјалните медиуми онлајн. Интернетот е главната алатка кај што се младите“, потенцира Николовска.