Анализата „Due Diligence” и физибилити-студијата за Попова Шапка денеска официјално ќе биде доставена во Владата, објаснија од ЕЛЕМ за Порталб.мк.

На состанокот што ќе се одржи денеска, управниот одбор на државниот производител на струја ќе донесе одлука за нивниот предлог за најдоброто решение во врска со зимско-рекреативниот центар „Попова Шапка“ и ќе го достави до Владата.

Анализата „Due Diligence” опфаќа детална анализа за финансиската, правната и даночната состојба на подружницата „Попова Шапка” – Тетово за претходните три години (2016 – 2018) и хотелите „Славија” и „Попова Шапка”. Физибилити студијата, пак, содржи и различни предлози за иднината на зимско рекреативниот центар – концесија или јавно-приватно партнерство.

Од ЕЛЕМ за Порталб.мк истакнуваат дека по изготвувањето на двете студии од страна на компанијата „PWC, тие биле доставени до некои високи владини функционери на разгледување. Иако нивните имиња не беа обелоденети, сепак од државниот производител на струја потврдуваат дека студиите денеска ќе бидат официјално ставени на увид на владата.