fbpx

Анализа: Зголемен е интензитетот на лажни и изнасилени скандали и афери пред изборите

Терминот „лажни вести“ сега веќе секој си го употребува како сака и кога сака и често се користи за да се нападнат вести кои се сосема вистинити, но кои не му се допаѓаат на оној што ги прогласува за лажни

-

Како наближуваат претседателските избори во Република Северна Македонија, така кампањата се заострува и тоа на начин што се зголемува бројот на пласирани дезинформации во јавноста, преточени во тнр. „лажни вести“.

Терминот „лажни вести“ сега веќе секој си го употребува како сака и кога сака и често се користи за да се нападнат вести кои се сосема вистинити, но кои не му се допаѓаат на оној што ги прогласува за лажни. Овде овој термин ќе го употребуваме во неговото првично значење, каде што тој означува свесно, намерно и наменско пласирање на невистинити и неточни вести и информации, во конкретниов случај од политички причини, со цел да му се наштети на политичкиот противник на начин што ќе се изманипулира неинформираниот гласач, па дури и оној релативно информираниот, но кој нема ресурси да проверува и анализира цела редица информации и тоа секојдневно и постојано за да утврди што е точно, а што не е. Трендот на зголемувањето на пласираните лажни вести во предизборна кампања не е невообичаен. Но, она што е невообичаено во изминатите 2-3 изборни циклуси тоа е начинот на кој тие се пласираат и нивната содржина.

Предизборните дезинформации ги содржат следниве две главни карактеристики: прво, тие се креираат систематски и организирано, а во јавноста се појавуваат преку различни актери на политичката и јавната сцена со цел да се замачка и прикрие трагот од каде потекнуваат: локални политичари, претседателски кандидати, политички инструирани портали, други медиуми и социјалните мрежи, кога е неопходно да се постигне уште поголема оддалеченост на вистинскиот изворот на дезинформацијата од оној кој ја објавил, а понекогаш дезинформациите дури и се користат како повод за политичка акција.

Нивната втора карактеристика се однесува на фактот што тие речиси редовно креираат измислени скандали во недостиг на вистински. Тие секогаш во себе содржат изнасилена инедокажлива вина кај политичкиот противник, креираат празен, вештачки и изнасилен бес и она што е најважно од гледна точка на нивната проверка, тие се во голема мера непроверливи, односно не може да се докаже кој е, а кој не е во право зашто работите се сведуваат на тоа дека едната страна вели едно, другата спротивното.

Дури и кога фабрикуваните скандали се проверливи, проверката, односно вистината има проблем да допре до пошироката јавност. Како прво, демантите никогаш не се толку пробивни како првичната, ударна и сензационалистичка дезинформација, а кога станува збор, пак, за проверката на фактите, мегафонот на оној што ги шири дезинформациите е далеку поголем од оној на проверувачот на фактите. Имено, оној што ги шири дезинформациите тоа го прави во име на партија или како кандидат за претседател и какотаков секојдневно добива медиумски простор со безбројни прилики до недоглед да ја повторува дезинформацијата и да ја манипулира јавноста повеќекратно.

Деновиве имаме повеќе примери на дезинформациии и манипулации: лажната вест занаводно понудената оставка на министерот за здравство, Венко Филипче до премиерот Зоран Заев, при што како повод е наведена моралната одговорност на министерот за епидемијата на морбилите. Оваа дезинформација беше веднаш демантирана лично од министерот, но не пред истата да се рашири во јавноста.

Следна „афера“ е наводното влијание на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во вработувањето на неговиот брат во Агенцијата за разузнавање. Иако неговиот брат е вработен во оваа институција уште од 1999 година. Веста спомнува и редица негативни детали од кариерата на Војче Пендаровски, темелејќи ги сите наводи врз анонимен извор.

Друга манипулација е обвинувањето дека скопскиот градоначалник Петре Шилегов ги терал вработените во АД „Комунална хигиена“ да присуствуваат на предизборен митинг на партијата, но веста се темели само на една фотографија на која можат да се видат неколку лица во униформи на јавното претпријатие. Нема никакви други извори на информации, нема изјави од надлежни или од било кого, туку само една обвинувачка реченица и уште една реченица која како заклучок ја потврдува претходната. И толку.

Ова се само мал дел од измислените или изнасилените „скандали“ во предизборниот период на претседателските избори во 2019 година. Особено голем број дезинформации има во областа на економијата, на пример („економијата е нула“ наводно велеле германските инвеститори, реинвестираните средства не се инвестиции и слично), кои се особено податни и лесни за манипулирање со јавноста зашто станува збор за вести кои имаат стручна подлога и потребно е стручно знаење за да се раскринкаат, знаење кое најголем дел од гласачите не го поседуваат.

Но, она што им е заедничка нишка на сите тоае фактот што ниедна од овие лажни вести не се истражени до крај или истражени воопшто. Сите тие содржат плиткост, недовршеност и непрецизност карактеристична за дезинформациите и со оглед на нивниот зголемен број и интензитет сите тие се во полза на конкретен кандидат во предизборната кампања.

Она што најмногу загрижува е, се разбира, опасноста од нивната ефикасност, односно опасноста успешно да наметнат приказна која се темели врз ударни и лесно сфатливи невистини и со тоа да ги изманипулираат гласачите да се појават пред гласачките кутии составови изградени врз основа на лажни наративи без да знаат дека биле измамени.

Автор: Владимир Петрески

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...