Следната година ќе биде организиран попис на земјоделство, прв пат по 20 години од последниот што беше спроведен во 2007 година. Ќе се пребројуваат земјоделските семејства, фирми од секторот земјоделство, земјоделски задруги, претприемачи што се регистрирани со претежна дејност во областа на земјоделското производство, пишува Порталб. Дел од експертите велат дека оваа операција мора да биде спроведена транспарентно за да донесе веродостојни податоци.

На годишно ниво, вредноста на дел од земјоделските гранки кои се најзастапени е во пад. Податоците што ги обработи Порталб од базата на Заводот за статистика покажуваат дека во оваа група се производството на жито кое во 2024 та имало вредност од 106 милиони евра и  одгледувањето добиток каде вредноста изнесувала 119,3 милиони евра. Вредноста на производството на индустриски, фуражни и градинарски култури е зголемена. Според земјоделците, овој пораст е резултат меѓу другото и на растечкиот тренд на цените во 2024 година и на зголемените површини со тие култури.

„Што ќе значи пописот на земјоделството кое учествува со скоро 6 отсто во вкупниот БДП на државата? Пребројувањето е важно бидејќи треба да даде целосна слика за состојбата, да резултира со база за креирање на реални и одржливи мерки за земјоделството, вели агрономот и земјоделец, Ристо Велков.

„На ниво на државата не е направена педолошка анализа, односно стручно испитување на почвата за да се знае која култура во која почва може да се сади. Пописот е многу важна операција која ќе опфати меѓу другото и пребројување на добитокот и на обработливите површини. Пописот ќе треба да даде одговор за сточниот фонд, за земјоделското производство, евиденција и за лозарството и за градинарство. Дел од овие податоци треба да се познати и преку бројките за доделени субвенции. Важно ќе биде процесот да е транспарентен“ – вели Велков.

Во нацрт-законското решение се прецизира дека со пописот нема да бидат опфатени само домаќинствата со куќни градини. Ќе се прибираат податоци за земјоделското стопанство, за органското производство, за работна сила, за добитокот и добиточното производство, наводнувањето и ѓубрењето на земјиштето, механизацијата и опремата и користените мерки за рурален развој.

Субвениции и откуп

Во моментов, според земјоделците, дел од гранките се во постојан пад, а еден од главните проблеми со кои се соочуваат е нередовната исплата на субвенциите.

„Во државата има околу 530 000 хектари обработлива површина, но прашање е колку од тоа навистина се обработува. Се соочуваме со пад во одредени култури. Најважно е однапред да се знаат откупните цени и да има откупни дистрибутивни центри кои беа ветувани. Важна е и навремената исплата на субвенции што е регулирана со закон, до крајот на тековната година освен за дел од градинарите и сточарите“, објаснува Велков.

Според последните достапни податоци од Заводот за статистика, во вториот квартал од годинава во споредба со истиот лани, откупот од индивидуалните земјоделци е намален за 15,1% додека продажбата од сопствено производство е зголемена за 15,7%. Според структурата, пораст има кај продажбата на риба и алкохолни пијалаци, додека пад е регистриран во сточарството, овоштарството и лозарството.

Во моментов нема информација колку ќе чини пописот. Нацрт-законот само нотира дека операцијата ќе предизвика финансиски импликации врз Буџетот за тековната година во која треба да се спроведе, а според временската рамка, ќе се реализира во октомври и ноември 2027 година.