Анализа: Рекордно најтоплата година се очекува до 2026

фото: Magdalena Kula Manchee на Unsplash

Нова анализа покажува дека веројатноста за надминување на клучниот праг на глобалното затоплување е значително зголемено. Истажувачите од Метеоролошката канцеларија на Обединетото Кралство, која што претставува национална британска метеоролошка управа, велат дека шансите во следните пет години светот да се загрее за повеќе од 1,5 степени Целзиусови сега се „педесет-педесет“. Ваквиот пораст би бил привремен, но истражувачите се загрижени за целокупната насока на температурите, пишува „Би-би-си“.

Според нив, речиси е сигурно дека во периодот помеѓу 2022 и 2026 година ќе биде забележана рекордно најтоплата година.

Студијата сугерира дека температурите во овој период ќе бидат помеѓу 1,1 и 1,7 степени Целзиусови повисоки од прединдустриските нивоа, односно од температурите забележани кон средината на 19-от век. Овие податоци покажуваат дека шансите да се надмине прагот од 1,5 степени никогаш досега не биле поголеми.

Според истражувањето, арктичкиот регион најверојатно ќе почувствува поголемо влијание на затоплувањето во следните пет години во споредба со остатокот од светот. Истражувачите велат дека разликата во температурите од долгорочниот просек ќе биде три пати поголема во овие области.

Во изминатите седум години, глобалните температури се движеа околу ознаката од 1 степен Целзиусов во споредба со прединдустриските нивоа, при што 2016 и 2020 година беа оценети како најтопли години досега.

Во 2015 година светските лидери го потпишаа Парискиот климатски договор, со кој светот се обврза да го задржи порастот на глобалните температури далеку под 2 степени Целзиусови, притоа продолжувајќи ги напорите да се задржи и под 1,5 степени.

На КОП26 во Глазгов во ноември минатата година, владите ја повторија својата посветеност на одржување на порастот на температурите под 1,5 степени Целзиусови.

Научниците велат дека со затоплување од околу 1 степен, светот веќе претрпува значително влијание, како што се невидените шумски пожари забележани во Северна Америка минатата година или драстичните топлотни бранови што во моментов ги погодуваат Индија и Пакистан.