Почна пребројувањето на штетите од корона вирусот во економијата. Од угостителскиот сектор најавија дека е можно 29.000 вработени да останат без работа, тоа значи без плати и придонеси, еден од изворите за полнење на буџетот, пишува во неделната економска анализа на „Порталб.мк“.

Според економистите, со почетокот на април започнува и војната на економијата против корона вирусот. Сите се едногласни дека се потребни итни и применливи мерки за амортизирање на ударот.

Со задолжувањето од 600 милиони евра ќе се аморитизира економската криза во одреден момент, но последиците од здравствената криза ќе бидат длабоки и можно е да потрајат. Затоа е потребно да се разработат сите сценарија за брзи и ефикасни мерки – порачуваат економистите што ги консултираше „Порталб.мк“.

Од една страна, јасно е дека буџетските приходи по различни основи ќе се „стопат“ во второто тримесечје. Мерките пак за евентуално намалување на платите во јавниот сектор ќе значат намалена јавна потрошувачка која значајно го крепи економскиот раст, велат економистите.

Професорот Сами Бислими смета дека власта никако не смее да не дозволи намалување на побарувачката, особено на стоки и услуги од домашно потекло, напротив, треба да ја поттикне агрегатната побарувачка за да и овозможи заживување на стопанската активност.

„Еден месец неактивност на стопанството значи скоро милијарда евра новосоздадена вредност помалку, затоа, ја охрабрувам владата дополнително да се задолжи, за да ја поттикне јавната и личната потрошувачка, во спротивно влегувањето во зона на рецесија е скоро неизбежно. Економијата не влегува во рецесија поради неспособноста за производство на повеќе стоки и услуги, туку поради недостиг на доволни куповни фондови за реализација на тоа што е произведено,“ вели прфесорот Бислими.

За економската криза потребен е паметен и навремен одговор – велат од Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.

„Спасување на платните исплати на фирмите. Оваа група мерки се однесува на зачувување на работните места и платите на работниците кои не се во производниот процес поради индуцираната контракција и/или кои имаат драстичен пад на приходите. Гарантирање на доходот што може да се додели преку шемите за социјално осигурување. И покрај фокусот врз заштита на работните места, економијата ќе се соочи со отпуштања,“ се вели во препораките на Институтот.

Како предност во оваа состојба е стабилниот банкарски сектор, кој со новата Уредба на Владата пристапи кон „замрзнување“ на кредитите и понуда на други олеснителни услови за кредитирање.

„Пазарните каматни стапки во банкарскиот сектор се ниски (пасивните) до умерени (активните) и тоа е придружено со низок обем на ризични пласмани од само околу пет отсто што создава стабилен и ликвиден банкарски сектор што е добро капитализиран и што покажува задоволителни деловни и финансиски резултати. Сепак постојнава здравствена криза наметнува размислувања околу тоа какви можат да бидат последиците од продолжувањето на епидемијата во периоди што се непредвидливи,“ вели универзитетскиот професор, Никола Поповски.

Јасно е дека во периодот што претстои граѓаните и компаниите ќе се соочат со нарушена ликвидност, неможност навреме да ги плаќаат кредитите, сметките за комуналии, ќе се намали јавната потрошувачка, а тоа ќе се рефлектира директно во економијата.

Поповски пак смета дека во вакви вонредни услови можно е да се очекуваат нови, построги мерки за пренасочување на јавната потрошувачка кон јавното здравство кое се мобилизира против борбата со корона вирусот.

„Секако дека одредени предизвици постојат, особено доколку клиентите на банките, особено корпоративниот сектор и одредени делови од домаќинствата ја намалат својата ликвидност и со тоа и способноста да ги сервисираат обврските што веќе ги имаат кон банките. Тоа може да создаде одредени сериозни проблеми на подолг рок, заради што секоја мерка од страна на Владата или НБРМ се добредојдени. Првичните мерки веќе се соопштени и верувам дека ако здравствената криза и вонредната состојба се пролонгираат подолго време, тие ќе се дополнуваат константно. Не исклучувам и построги мерки од страна на фискалната политика што ќе овозможат пренасочување на јавната потрошувачка кон јавното здравство во борба против епидемијата и намалување на, во овој момент, непотребните или небитните трошоци за одредени политики што се сосема анахрони во време на вонредна состојба и епидемија,“ вели професорот Поповски.

За „крепење“ на буџетските трошења во процес е најавеното задолжување од 500 до 600 милиони евра на странските и на домашниот пазар, а одборена е и финансиска инјекција од 60 на милиони евра од Европската унија.