fbpx

Анализа: Наместо „метла“ – крпче за полирање порцелан

-

Реконструкцијата на Владата, односно „метлата“ на премиерот Зоран Заев се сведе на крпче за полирање порцелан, наместо да биде она што навистина би требало да биде, сеопфатна реконструкција на Влада која би имала смисла и причина. Листата на министри за разрешување се сведе на тројца, откако останатите четворица си поднесоа оставки како последица на претходни договори или со нив или со коалицискиот партнер во Владата, ДУИ, заминувајќи на други функции или поднесувајќи си оставки уште поодамна (Асаф Адеми, поранешниот министер за култура поднесе оставка два дена по претседателските избори).

Досегашниот вицепремиер за Рамковен договор Хазби Лика, порано функционер во ДУИ, досегашните министри за финансии и за локална самоуправа, Драган Тевдовски од СДСМ и Сухејл Фазлиу од НДП своето разрешување му го препуштија на Парламентот.

Ваков исход и можеше да се очекува. Многу брзо стана јасно дека не може да се говори за метла ако сменетите одат на други функции или се одамна заминати, или, пак, ако имате и сменети министри за кои сѐ уште во јавноста не е јасно зошто се менуваат (Драган Тевдовски).

На крај, испадна е дека реконструкција и не беше неопходна (барем не на ваков начин и со олку фанфари), зашто овие смени можеа да се направат и многу потивко, односно преку тивка реконструкција, што за власта ќе беше многу политички поисплатливо.

Во држава во која иселувањето од економски причини значително се зголемува, каков што впечаток сакаше да ни наметне опозицијата, економијата не расте (како што расте), нивото на работната сила не е стабилно (како што е), ами се намалува, цените на становите не се стабилни, ами паѓаат (зашто нема кој да ги купува), извозот и вкупната надворешна трговија не расте (како што во Северна Македонија расте) и слично.

Но, од друга страна, не може да се каже дека е направена реконструкција на Владата со цел таа да работи подобро и поефикасно, а да не кажете што е причината за смената на првиот човек на едно такво клучно министерство какво што е она за финансии, односно чуварот на државната каса. Тоа го расипува впечатокот за вашите чесни намери кога го преземате таквиот чекор. Настрана што се плетат секакви приказни околу ова – дека бил премногу скржав со народните пари, што во СДСМ е веројатно „исконски“ грев, зашто за истата работа беше обвинуван и последниот министер за финансии на СДСМ, Никола Поповски во 2006 година, па дури и нетрошењето на пари во тоа време (што го држеше буџетскиот дефицит на нивоа за кои денес можеме само да сонуваме) се наведува како причина за изгубените избори во 2006 година и доаѓањето на Груевски на власт. Потоа, се говори дека односите меѓу Тевдовски и заменик-премиерот за финансии, Кочо Анѓушев, биле крајно нарушени, дека Тевдовски не сакал да даде пари за овој или за оној проект и што уште не. Се разбира, сето ова беше на нож дочекано и искористено од опозицијата. Исто како и податокот за ниското ниво на капиталните инвестиции. Настрана манипулативните тврдења на Ѓорчев, но никогаш не слушнавме што е работата со овие инвестиции, односно зошто се толку ниски и на што тоа се пренасочуваат тие пари.

Овие премолчувања, како и самата непотребна реконструкција претставуваа спуштен гард на власта и можност на опозицијата да зададе лесни политички удари без многу труд. Во време кога не е тешко да се рашират манипулации, спинови и дезинформации, реконструкцијата на Владата и не можеше да биде ништо друго, освен нефер мегдан каде што напаѓачот (опозицијата во овој случај) има предност. Ако некој мислел дека со ваква реконструкција ќе се добијат поени во јавноста и оти власта ќе успее да наметне впечаток дека, ете, премиерот бара одговорност од сопствените министри и е подготвен да изврши смени, ако смета за неопходно, такво нешто ниту се случи, ниту пак шансите тоа да се случи беа реалистични.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Посебен сообраќаен режим в недела заради атлетска трка на Средно Водно

Во недела, со почеток во 9 часот, поради атлетска трка на 10 километри, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот...