фото: Порталб.мк

Расте бројот на фирми во земјава што ставиле клуч на врата, како и бројот на луѓе што останале без работа. Податоците од Државниот Завод за статистика покажуваат дека само за една година речиси 1.000 фирми од секторот „Други услужни дејности“ одлучиле да го затворат бизнисот. Токму оваа дејност, според официјалните податоци, апсорбира околу 7 отсто од вкупниот број на приватни фирми во земјава, пишува Порталб.мк.

Невработени- активни баратели 2021, јануари: 158.681

Невработени- активни баратели 2021, февруари: 159. 608

Невработени – пасивни баратели 2021, јануари: 90.293

Невработени – пасивни баратели 2021, февруари: 90 700

Вкупно 250.308 лица се евидентирани како невработени, активни и пасивни баратели на работа. На крајот од вториот месец од годинава, податоците од Агенцијата за вработување покажуваат натамошен тренд на раст на бројот на невработени. Конкретно, 159.608 се регистрирани како активни баратели на работа и во однос на јануари, има зголемување за околу нови 1.000 лица. Слична е и состојбата кај пасивните баратели на работа. Во февруари оваа година се регистрирани 90.700 лица, со раст од 407 ново евидентирани.

Една од причините за зголемувањето на бројот на невработените е „мобилизацијата“ за евиденција поради законските обврски за примање на државни надоместоци, но удел и натаму има економската криза. Така, на крајот од февруари годинава, бројот на лица отпуштени од работа поради ковид-19 кризата, достигна 18.266.

За економско заздравување потребна е „вакцинација“

И официјалната статистика ги потврди црните предупредувања на угостителите. Само за една година 911 деловни субјекти, односно фирми од-други услужни дејности – го затвориле бизнисот, а како клучен фактор е токму економската криза.

2019 / 2020

Вкупен бр. деловни субјекти -3,8%

Други услужни дејности -15,2%

снабдување со ел.енергија, гас -11,6%

Освен во угостителската дејност и во секторот снабдување со електрична енергија, гас и климатизација е регистрано намалување на бројот на фирми за 26, на годишно ниво. Според статистиката, лани имало 73.061 фирма, од нив скоро 7 отсто биле од секторот други услужни дејности во кој работат повеќе од 15.000 луѓе.

Впрочем, најпогодените сектори и дејности апсорбираат и најголем број вработени, како што се преработувачката индустрија, земјоделството, трговијата, транспортот.

 

Број на вработени по сектори 2020

Земјоделство: 95.545

Трговија: 116.970

Преработувачка индустрија: 158.135

Транспорт: 43.348

Невработеноста минатата година 16,4 отсто

Сумираните податоци покажуваат дека во 2020 стапката на невработеност е 16,4 отсто. Сепак, според најавите на бизнис секторот, годинава се очекува економско закрепнување.

„Кога станува збор за согледувањата на економските субјекти за состојбата во економијата, резултатите од анкетните истражувања за периодот јануари-февруари 2021 година упатуваат на значително подобрување во однос на четвртиот квартал од 2020 година. Зголемениот оптимизам кај економските субјекти упатува на продолжување на постепеното закрепнување, што во најголема мера се должи на стабилизирањето на вториот бран од пандемијата во овој период и на започнатата имунизација во земјата“, нотираат од Народната банка на Северна Македонија.

Но, со оглед на одолговлекувањето на процесот на имунизација и до скоро блокираните законски решенија во Собранието кои се однесуваат на петтиот антикризен пакет на мерки, дел од економистите и бизнисмените предупредија дека економската криза во земјава може да се развлече и прелее и во вториот економски квартал, што почнува за неколку денови.

„Блокадата носи и ризик, спасувањето на работните места во 2020 година, сега да биде изгубено, особено во секторите што се и понатаму критични: трговијата, транспортот, угостителството, забавата и рекреацијата и личните услуги“ , посочуваат од институтот „Фајненс тинк“.

На 31 март треба да пристигнат вакцините од Ковакс системот, кога завршува и рокот за аплицирање за помошта од петтиот пакет на мерки. Два клучни фактора кои ќе ја детерминираат економската активност на фирмите, а со тоа и судбината на голем број од вработените во периодот што следува.