Владата најавува нов, петти по ред пакет мерки за поддршка и ублажување на последиците од ковид-19, економистите очекуваат дека од сегашната рецисија ќе преминеме во позитива, бизнисот предочува дека економските движења ќе зависат од темпото со кое Македонија ќе ја спроведе вакцинацијата, пишува „Порталб.мк“.

Ќе излеземе од рецесија, но ризиците остануваат

„Кризата нема да заврши бргу и ќе потрае“ – ова е една од оценките кои доминираат кај бизнисмените од Стопанската комора на Македонија. Во анализата посветена на постковид периодот се наведува дека опоравувањето ќе дојде, но дека ранливоста на приватниот сектор ќе преовладува и во оваа 2021 година.

„Можен е неповолен тек на настаните. Постојната економска криза има и свое непосакувано, неповолно можно сценарио. Во тој случај, последиците за определени индустриски гранки ќе бидат сериозни. Сѐ повеќе компании ќе го намалуваат производството и ќе се затвораат. Со тоа ќе се зголеми невработеноста, ќе се намалат приливите на буџетот, ќе се зголемува сиромаштијата и ќе се намали можноста за помош од државата таму каде што е потребно“ – се наведува во истражувањето: „Македонската економија во тековниот период и во пост-ковид-19 периодот“ , при што се посочува дека во ова сценарио први на удар ќе бидат помалите, а потоа и поголемите фирми.

Иако банкарскиот сектор остана ликвиден и солвентен, бизнисот предочува дека постојат ризици за ликвидноста на фирмите, па така се наведува дека: „ударот на пандемијата врз ликвидноста на компаниите и врз населението неповолно ќе се одрази врз нивната способност да ги сервисираат навреме и во целост доспеаните обврски спрема банките“.

Дел од економистите велат дека и покрај сите ризици, во 2021 се очекува економијата да излезе од рецесија, но со какво темпо ќе заздравува, ќе зависи од вакцинацијата – која се смета како клучна брана во спречување на ширење на ковид-19.

„Се зборува за вакцинација во текот на март. Развените земји веќе почнаа со процесот на вакцинирање. Економијата ќе зависи токму од овој процес, односно од почетокот на оправувањето. А, тоа нема да се случи веднаш. Но, под претпоставка дека вакцинацијата ќе започне наскоро, а со тоа во некој разумен рок би се стекнале со колективен имунитет, тогаш би можеле да зборуваме за опоравување некаде во вториот квартал од годинава“ – вели професорот Марјан Петрески.

Заздравувањето на европските економии ќе донесе позитивни сигнали и за македонската, особено за странските фирми кои работат за странските пазари.

„Странските извозници очекуваат заживување на растот на приходите и на профитабилноста во наредниот период, додека тоа не е случај кај домашните извозници. Трудоинтензивните гранки се повеќе погодени и очекуваат побавен раст во наредниот период, додека оние што се технолошки поразвиени можат побрзо да се вратат во наредниот период“ – оценува Бојан Србиноски од „Фајнанс тинк“.

Според бизнисмените, годинава ќе бидат потребни нови извори за финансирање на фирмите, поволни кредитни линии кои ќе бидат за вложувања и развој, освојување на нови пазари, но и инвестиции во технолошки развој. Од Стопанската комора на Македонија сметаат и дека треба да се отвори Фонд за иновации за големите компании, да се посегне во сферата на даночни и царински олеснувања, да се мобилизираат сите државни ресурси за реализација на капиталните инвестиции, а со тоа и мобилизација на домашните фирми.

За помош на приватниот сектор Владата најави петти по ред пакет на мерки

„Оваа 2021 година треба да биде година на економско заздравување. Во светот преовладува оптимизмот во врска со имунизацијата, која би спречила нови бранови на вирусот и нови затворања на економиите. Се очекува закрепнување на инвестициите, на потрошувачката и на надворешната побарувачка, при што е проектиран раст од 4,1 отсто. Очекувањата се дека извозот ќе забележи раст од 14 отсто, бруто-инвестициите раст од 7,7 отсто, приватната потрошувачка реален раст од 3,5 отсто, јавната потрошувачка од 4,3 отсто“ – изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Според новите прогнози, економскиот раст во следните години ќе се удвојува, а јавниот долг ќе се консолидира.