Фото: Порталб.мк

Расте депозитната база во банките, расте и кредитирањето. Сумирани се податоците за првото банкарско полугодие – и штедењето и кредитите на историски највисоко ниво. Депозитите во јуни, на годишно ниво бележат раст од 6,8 проценти, а кредитите се со раст од 5,1 проценти, пишува „Порталб.мк“.

Интересно е дека „јазот“ помеѓу депозитите и кредитите се зголеми за повеќе од една милијарда евра – односно износот на депозитната база е за 1,2 милијарди евра повеќе во однос на пласираните кредити.

Кредитната задолженост на фирмите и на граѓаните надмина 6 милијарди евра…

Домаќинствата се вратија на „поагресивно“ задолжување во банките – на крајот од јуни кредитната задолженост на граѓаните надмина 3 милијарди евра по различни основи – или кредитите на домаќинствата на годишно ниво бележат раст од 8,7 проценти.

Потрошувачките кредити и станбените кредити и натаму се најдоминатни во кредитната изложеност на банките кон домаќинствата, додека автомобилските кредити повеќе месеци наназад се со негативен предзнак.

Гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во јуни, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат годишен раст од 7,9 проценти и 14,7 проценти, соодветно. Во јуни, автомобилските кредити, се намалени на месечно и годишно ниво за 2,9 проценти и 17,1 проценти. Кредитите одобрени на кредитни картички во јуни се зголемија за 0,5 проценти на месечна основа, додека на годишна основа тие се намалени за 8,9 проценти“ соопштија од НБМ.

За разлика од домаќинствата, растот на кредитната задолженост на фирмите е со побавно темпо. На крајот од првото полугодие корпоративниот сектор бил задолжен со 2,8 милијарди евра, со раст од 1,2 проценти на годишно ниво.

Депозитната база во банките надмина историски 7 милијарди евра…

Темпото на раст на кредитирањето – побавно во однос на растот на штедењето. На крајот од првото економско полугодие вкупната депозитна база достигна 7,2 милијарди евра, со остварен годишен раст од 6,8 проценти. Анализата што ја направи „Порталб“ покажува дека од вкупните депозити, 53,8 проценти се во домашна валута, додека останатите 46,2 проценти се со девизна клаузула.

Интересно е дека кај депозитите на коропоративниот сектор на годишно ниво регистрирана е висока стапка на раст. Вкупните депозити на фирмите на крајот од јуни изнесуваат 2,1 милијарди евра.

„Вкупните депозити на корпоративниот сектор во јуни се повисоки за 3,1 проценти на месечна основа. Годишната стапка на раст изнесува 16,7 проценти, главно поради зголемените депозитни пари, при позитивно влијание и на краткорочните и долгорочните депозити во странска валута“ – наведуваат од НБМ.

Кај домаќинствата во јуни, растот на штедењето е предводен од растот на краткорочните депозити во странска валута, но раст бележат и краткорочните депозити во денари и во странска валута.

Оваа банкарска година започна со заострени услови на кредитирање, но и со намалена побарувачка за кредити, па дел од банкарите оценија дека улогите се смениле – сега банките се тие кои „ловат“ клиенти. Сепак, по завршување на првиот квартал забележани се значајни стапки на раст на кредитирањето на домаќинствата.

„Посилниот кредитен раст кај домаќинствата e најмногу резултат на зголемената побарувачка на кредити, при истовремено олеснети кредитни услови. Банките укажуваат на поизразено олеснување на кредитните услови кај кредитите на домаќинствата коешто е забележано кај сите типови кредити,“ оценуваат банкарите.

Сепак – ковид пандемијата се одрази и врз депозитното портфолио, регистрирана е промена на валутната и рочната склоност на штедните влогови, видлива преку пад на долгорочните депозити и доминантен придонес на девизните депозити, но и натаму степенот на “евроизираност“ на депозитите останува на релативно стабилно ниво.