Фото: Robert Anasch, Unsplash

Растот на долговите на државните институции, општини, јавни претпријатија, министерства, здравствени установи, училишта, на крајот од првиот квартал од годинава достигнаа скоро 312 милиони евра, пишува во анализата на „Порталб.мк“. Новите податоци, и на квартално и на годишно ниво, покажуваат дека дел од општините го зголемиле долгот како и дека растат долговите кон приватниот сектор, во јавниот сектор и кон странство.

Две државни фирми, две јавни претпријатија и една општина се на првите пет позиции од новата должничка листа на Министерството за финансии, според висината на доспеаните, а ненаплатени обврски. На прво место е АД МЖ „Транспорт“, државна фирма која на крајот од првиот квартал од годинава, должела 64 милиони евра.

Доспеани-неплатени обврски март 2021, во милиони евра:

  • ЈП МЖ „Транспорт“ – 63,8
  • АД „Македонски енергетски ресурси“ – 25,5
  • ЈП  „Колекторски систем“- Скопје – 12,5
  • Општина Тетово- 11,2
  • ЈП „Водовод Куманово“– Куманово – 7,9 милиони евра

На новата должничка листа се наоѓаат 1.193 државни институции, јавни претпријатија формирани на локално и на централно ниво, здравствени установи, општини, институции од културата, трговски друштва и акционерски фирми во сопственост на државата, а кај голем дел од нив е регистриран раст на долговите. „Порталб“ направи компаративно споредување на долговите од крајот од првиот квартал годинава, во однос на состојбата од крајот од декември лани, и на годишно ниво. И во двата случаја вкупниот долг е зголемен. Така, во споредба со декември лани вкупните доспеани, а неплатени обврски се зголемени за 22,2 милиони евра, а во однос на истиот период лани за 36,4 милиони евра.

Доспеани а неплатени обврски, во милиони евра:

  • Март 2021- 311,5
  • Декември 2020- 289,3
  • Март 2021 275,1

Растечки долгови во првиот квартал од годинава се регистрирани внатре во самиот јавен сектор, кон приватниот сектор и кон странство. Конкретно, најголем дел од долгот или скоро 151 милион евра се кон јавниот сектор, а 135 милиони евра се доспеани обврски кон приватен сектор, здруженија на граѓани и други непрофитни организации. Ако се анализираат долговите според видот на институциите односно субјектите, најголем дел отпаѓаат на јавните претпријатија и на фирми во државна сопственост, во износ од 123 милиони евра. Општините должат 62,2 милиони евра, а на трето место е здравството, односно јавните здравствени установи, со доспеани, а неплатени обврски во износ од 53 милиони евра.

Долгови март 2021, во милиони евра:

  • ЈП и државни фирми 122,7
  • Општини 62,2
  • Јавни здравствени установи 53,1

Кај сите е регистриран пораст на долговите во однос на декември 2020 година. Во првите десет државни субјекти со најголеми неподмирени обврски на крајот од првото тримесечје од годинава, се и општините Охрид и Карпош, АД Елем – Скопје, ЈП МРТ и ЈП Водовод и канализација – Скопје. Повеќе од два милиона евра должат разни здравствени установи, како Универзитетска клиника за детски болести, Општа болница-Охрид, ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија, Општа болница-Куманово, Скопските клиники за онкологија и за гинекологија, Институт по белодробни заболувања кај децата – Козле, Институтот за трансфузиологија и други. На листата како должници се наоѓаат и речиси сите општини вклучувајќи го и Град Скопје.