fbpx

Анализа на „Порталб“: Економски последици – кризно „цунами“ од Русија, преку Украина и ЕУ до Македонија!

-

Пред околу 15 години Русија беше еден од најзначајните трговски партнери на Македонија, со трговска размена поголема од 660 милиони евра. Петнаесеттина години подоцна – Русија е на 20. место како трговски партнер на земјава. Но, и натаму останува високата зависност на земјава од руските енергенси – од гасот кој од Русија преку Украина и европската траса завршува во земјава. Но и Македонија го губи рускиот пазар каде пласиравме главно овошје и зеленчук, пишува Порталб.мк. Рускиот напад на Украина ќе донесе цунами на економски последици за земјите од Европската Унија, а со тоа и на Северна Македонија.

 

Русија – стратешки трговски партнер на ЕУ – а ЕУ на Македонија…

Руската агресија на Украина ги црта контурите на новата економска криза. Русија е петти трговски партнер по големина на Европската Унија, водечки за Германија, која пак е прв трговски партнер на Македонија – лани вкупната размена меѓу Северна Македонија и Германија изнесувала  259,7 милиони евра.

Во моментов Русија е 20-ти по големина трговски партнер на Северна Македонија – доминира нашиот увоз на енергенси – пред сè гас, но и на житарки, ѓубрива, додека пак рускиот пазар за нас значи пласман на овошје, зеленчук, лекови, вино и градежни материјали.

Трговската размена со Руската Федерација изнесува околу 200 милиони евра.

                                   Трговска размена Македонија – Русија

Извоз во Русија            48.330.000 евра

Увоз од Русија              150.325.000 евра

За разлика од Русија, Украина не е во групата на „20“ најголеми трговски партнери на Северна Македонија. Нападот врз Украина ќе има неминовни последици за Европа – оттука и за Македонија, чии главни трговски партнери се токму од ЕУ.

Зависноста на ЕУ од Русија се крши главно во енергетскиот сектор, 40 отсто од енергенсите во ЕУ се од Русија а 35 отсто е зависноста од рускиот гас. Огромна е и зависноста на “Западот” и од руските железо и челик поради што повеќе индустрии веќе се во застој. Но, опасноста не демне само во енергетскиот сектор, автомобилската и градежната индустрија, туку и за храната.

Русија до пред почетокот на воениот напад беше најголемиот извозник на пченица, а Русија и Украина заедно обезбедуваат четвртина од светското производство на овој основен производ за храна. Но, дали демне опасноста Северна Македонија не директно – но индиректно, поради ризици од застој во синџирот со снабдување на основни прехранбени, да се соочи со криза?

 

Увозна зависност на Северна Македонија…

Податоците покажуваат дека нашата зависност од увоз на храна, но и на производи за преработувачката индустрија е во пораст. Само за увоз на земјоделски производи, производи на шумарство и риба годишно трошиме 153.000.000 евра и оваа зависност лани во споредба со 2020-та е зголемена за 9 отсто. И преработувачката индустрија е во голема зависност – за увоз на производи за потребите на овој сектор се трошат 8.900.000.000 евра и лани оваа увозна зависност се зголемила за 26,2 отсто. Најдраматичен пораст на увозот за 80,4 отсто лани имало кај електричната енергија, гасот – а токму Русија е еден од главните играчи за испорака на гас.

                                                    Увоз во Македонија

Производи за широка потрошувачка                         8.913.676.000  евра

Земјоделски производи(шумски и рибарство)          153.000.000 евра

Електрична енергија, гас, пареа                                    277.980.000 евра

Македонската влада најави дека се анализира и следи состојбата и доколку има потреба ќе се преземат мерки за зајакнување на стоковите резреви.

„Во моментот нема потреба да се стават во функција стоковите резерви, имајќи предвид дека производителите на основните производи имаат залихи за период од над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви. Продолжуваме со снабдување на државните резерви, како што е предвидено во годишната програма, а како Влада ги разгледуваме и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви, доколку има потреба од такво нешто“, соопштија од Владата.

За разлика до власта, опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да се интервенира со сегашните стокови резерви за да се спречи натамошен пораст на цените, пред сè на лебот и на печивата.

„Доколку стоковите резерви се полни, власта треба веднаш да интервенира, а доколку не се, да одговори зошто до сега не биле наполнети и што чекаа додека сите земји купуваа резерви?“, прашуваат од партијата.

 

Само 1 отсто финансиска изложеност на Северна Македонија кон Русија и Украина

Во банкарскиот систем во земјава не постои банка со доминантна руска или украинска сопственост. Според податоците од Народната банка, финансиските обврски и финансиските побарувања кон овие две земји се помалку од 1 отсто од вкупните финансиски средства и обврски поради што не постои директна опсаност од ризици во овој сегмент.

За Руската економија пак, Северна Македонија е симболичен трговски “играч” во споредба со најважните Кина, Белорусија, Казахстан. Македонија и Русија воспоставија дипломатски односи во јануари 1994 година.

Оттогаш се склучени 20-тина Спогодби меѓу Македонија и Руската федерација за олеснување на економските, културолошките, инфраструктурните реалции – за поттикнување на заштита на инвестции, за ослободување на двојно оданочување, за соработка во енергетика, сообраќај, за соработка при изградба на гасовод.

Иако Украина не котира високо како трговски партнер на Северна Македонија, сепак тој пазар беше еден од најатрактивните за нашите градежни компании. Македонија и Украина во 2001-та склучија Договор за слободна трговија и уште серија на други спогодби.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...