Пандемијата со ковид-19 предизвика македонската економија да се намали во просек за 9,1 отсто во вториот и третиот квартал од 2020 година, но невработеноста благо се намали, како резултат на деактивирањето на работната сила во време на кризата и на владините мерки кои целеа да се зачуваат работните места. Во земјоделскиот сектор, движењата беа обратни – производството во секторот, во истиот период, порасна за 4,6 отсто, но беа изгубени близу 21 илјада работни места, се вели во новата анализа на „Фајненс тинк“ за последиците од пандемијата врз македонското земјоделство.
„Одработените часови се намалија за 28 отсто, а доходот од плати за 16 отсто. Оттука, земјоделските работници беа и најсилно погодени од ковид-19 кризата, и најмалку заштитени од владините мерки“, се вели во анализата.
Во неа се укажува дека во време на пандемијата со ковид-19, земјоделскиот сектор изгубил 20.776 работници. Според занимање, бројот на изгубени работни места е 11.661, со оглед дека во склоп на земјоделскиот сектор не сите занимања се непосредно земјоделски.
„Но, и во двете димензии, уделот на изгубени работни места е 19,3 отсто и 18,2 отсто, соодветно. За споредба, бројот на изгубени работни места во секторот преработувачка индустрија, во истиот период, е нешто над илјада, во градежништвото околу 2.5 илјади, во транспортот 2 илјади, додека во угостителството бројот е задржан, а во трговијата се забележува зголемување од 4.5 илјади работни места“, укажуваат од „Фајненс тинк“.
Во анализата се потенцира дека земјоделските работници се одликуваат со низа ранливости кои ги прават подложни на ударот на кризата и, оттука, со отежнат пристап до стандардните мерки кои владите ги употребија за зачувување на работните места во сите сектори.
„Скоро половина од земјоделските работници (48,3 отсто) се вработени за сопствена сметка, што во земјоделството подразбира самостојни земјоделци кои уплатуваат персонален данок и социјални придонеси во свое име и за своја сметка, со цел да се стекнат со правото на земјоделска пензија по исполнување на пропишаните услови. Дополнителна третина се неплатени семејни работници, додека само 16,2 отсто работат кај работодавач за плата“, пишува во анализата.
Од „Фајненс тинк“ велат дека мерките кои властите ги спроведуваа во време на ковид-19 за зачувување на работните места, првенствено мерката „14.500 денари по работник“, но и мерката за субвенционирање на најмногу 50 отсто од социјалните придонеси, не можеле да бидат искористени од страна на земјоделските работници.
„Тие мерки бараа корисниците да бидат формални работници, со писмен склучен договор за вработување, кој работи во фирма која искусила пад на прометот поголем од 30 отсто во однос на 2019. Клучната мерка ги опфаќаше самостојните вршители на дејност, но останува отворено прашањето за информираноста кај регистрираните земјоделци околу опцијата да аплицираат за мерката, особено имајќи предвид дека голем дел од нив не користат услуги на сметководствени бироа. Со оглед дека земјоделскиот сектор и работниците беа силно погодени од пандемијата со ковид-19, а притоа останаа најмалку заштитени од мерките на Владата, неопходно е итно внимание од страна на Владата и ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство“, се вели во анализата.
Се укажува дека е неопходно да се размисли во дизајнот на мерката „14.500 денари по работник“ да се внесат одредби кои ќе ја направат мерката пристапна за регистрираните земјоделци.
„Дури и да се задржи моменталниот дизајн, неопходно е мерката подиректно да ги таргетира регистрираните земјоделци, преку административните регистри на државата, за до нив да стигне оваа помош. По примерот на еднократните грантови за игротеки, салони за убавина, ресторани за свадби и ноќни клубови, неопходно е да се размисли за еднократни грантови за мали земјоделски стопанства кои ќе документираат пад на нивниот промет“, велат од „Фајненс тинк“.