fbpx

Анализа на „Фајненс Тинк“: Големите извозни компании се спасот на економијата после пандемијата

-

Домашните извозни компании можат да бидат основата на растот и на развојот на економијата по завршувањето на ковид пандемијата, затоа што тие се портата кон странските пазари и значително учествуваат во бруто домашниот производ. Во последните 10 години тоа бележи раст од 10 проценти, и лани достигна 62 отсто од вкупниот БДП. Иако сите извозни компании, помалку или повеќе, го почуствуваа ударот од ковид кризата, најмногу во намалената побарувачка на глобалните пазари и ограничените набавки, тие имаат капацитет за нови инвестиции во технологии и за зголемување на производството, при што ќе им биде неопходна поголема поддршка од државата, пред сѐ во делот на увозните давачки и кадровскиот потенцијал.

Ова, меѓу другото, беше посочено на дебатата „Економијата на крстопат, кој ќе биде моторот на растот по ковид-19“, во организација на „Фајненс тинк“, а како основа беше презентирана публикацијата „Потенцијалот на извозно ориентираните компании за придонесот за пост Ковид-19 економското опоравување во Северна Македонија“. Таа е подготвена во рамки на проектот „Остварување на потенцијалот на извозно ориентирани компании да придонесат за закрепнување по Ковид-19“, финансиски поддржан од Владата на Велика Британија и Британската амбасада.

Резултатите од шестмесечното истражување на „Фајненс тинк“ покажале дека, иако не останаа имуни на ковид кризата и имаат забавен раст, големите домашни компании можат да бидат мотор на креирањето на идните економски политики, бидејќи развиените европски држави и нивните пазари се тие кои први ќе излезат од кризата, а токму тоа е битно за извозните компании.

Бојан Србиновски од „Фајненс тинк“, објаснувајќи за публикацијата врз основа на анкета на 73 извозни претпријатија, посочи дека поголем дел од нив очекуваат побавен раст отколку во времето пред ковид кризата, а дека прехранбената, фармацевтската и автомобилската индустрија беа помалку погодени, дури автомобилските странски компании во земјата имаа раст на извозот. Сепак, сите имаат потенцијал, по пандемијата, за зголемување на производството, на инвестицииите и на вработувањата, за разлика од неизвозните фирми кои имаат мали очекувања за заздравување. За големите компании да го постигнат тоа, потребни се усогласување на царинските стапки со оние од ЕУ, намалување на увозните давачки за опрема, субвенции за нови инвестиции, за квалификуван кадар преку дуалното образование како и полесен пристап до долгорочни финансиски извори.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи рече дека во пост ковид ситуацијата ќе се отворат нови предизвици за извозните компании кои треба да се фокусираат на нови, технолошки дигитален развој и напредок.

„Има разлики меѓу извозно ориентираните компании и оние кои работат само на домашниот пазар и кои тешко стануваат дел од вредносниот синџир на регионалниот и глобалниот пазар. Потребно е да се најде начин и малите да се вклучат во тој процес за полесно да заздрават, за што им е потребна соработка со големите компании што многу побрзо и полесно ќе ја поминат кризата“, рече Битиќи.

Виктор Мизо, директор на „Костал Македонија“, нагласи дека странските компании посебно од автомобилската индустрија, на почетокот на кризата се најдоа во тешка ситуација поради неможноста за набавка на делови, кои најмногу се увезуваа од Кина. Затоа сега странски компании сѐ повеќе размислуваат за реалокација на производството на суровини и за регионален пристап, за што се пример неколкуте нови инвестиции од странство во земјава.

„Тој процес не е лесен, ниту брз. Во автомобилскиот сектор во земјава има околу 30.000 вработени и станува збор за технолошко напредни компании, но тие имаат проблем со недостиг на квалитетна работна сила и едуциран кадар. Затоа треба да се работи на поинаков едукативен систем, пред сѐ во дуалното образование, но и на факултетите, за младите да не се плашат да работат во фабриките“, рече Мизо.

Директорот на ТАП „Раде Кончар“, Горан Антевски, посочи дека во ковид кризата компанијата се ориентирала повеќе кон домашниот пазар и соработката со странски компании, преку заеднички проекти и давање на услуги.

„Домашниот пазар ни е основа во работењето во изминатава година. Многу ни недостига стручен кадар иако инвестираме во инженери и во роботизирање на производството. Многумина од досега обучените кадри нѐ напуштаат и заминуваат во странство, но сепак, за нас е значајна ова инвестиција што ја практикуваме отсекогаш“, изјави тој.

„Ковид кризата наметна нови начини на размислување, на работење и на соработка меѓу сите компаниите. Треба да се размислува како ќе се води бизнисот после ковид пандемијата, преку нови форми на соработка меѓу бизнис секторот и владите. Има капацитет за раст кај македонските компании кои доживеаја драматични промени и потребна им е поддршка. Британската амбасада веќе соработува на многу проекти од приватниот сектор, од кои очекува реализација и повратни резултати“, посочи Рејчеј Галовеј, амбасадорката на Обединетото Кралство.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...