Невработените лица кои не се регистрирани во Агенцијата за вработување изнесуваат 55 отсто од вкупниот број на невработени во земјава и тие немаат право до пристап на мерките за вработување, што особено влијае врз жените. До крајот на 2019 година, стапката на активност на работоспособното население е 57,5 отсто, а на невработеност изнесува 17,3 отсто што е значително повисока од земјите членки на ЕУ.

Жените се помалку од половина од вкупниот број на активна работна сила, 39 отсто. Државата издвојува во просек 0,16 отсто од БДП за спроведување на политики за вработување и приближно 20 отсто од буџетот за вработување, а 70 отсто за пасивни политики за вработување.

Тоа е далеку под просекот на земјите од ЕУ, стои во анализата „Пристап на жените до пазарот на труд и активните политики за вработување“, што ја подготви Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, ЕСЕ, како дел од проектот „Дади приоритет на родовата еднаквост“, кој е финансиран од Европската Унија.

Во неа се препорачува Агенцијата за вработување на РСМ да развие и подготви упатства за вклучување на жените во секоја активна мерка, програма и услуга за вработување, како и дека е потребно Министерството за труд и социјална политика да спроведе проценка на потребите на невработените жени, без разлика дали се регистрирани или не и да развие нови мерки. Според ЕСЕ, потребна е и стратегија за долгорочно намалување на пасивните политики за вработување, стратегија за охрабрување за невработените да се регистрираат, како и либерализација на политиките за вработување за оние кои не се во државниот систем.

Од ЕСЕ соопштуваат дека Анализата се заснова на јавно достапни податоци за периодот од 2015 до 2019 година, а дел од податоците се обезбедени преку постапка за слободен пристап до информации од јавен карактер.