Фото: Robert Anasch, Unsplash

Од буџетите на државата со години наназад најголем процент се прераспределува за администрацијата, која наместо сервис за ефикасни јавни услуги, се третираше повеќе како гласачки контингент без воопшто какви било мерења на нејзините перформанси, без етика и без создавање на вештини за давање на квалитетна јавна услуга.

Ова е едно од укажувањата во новата анализа на Центарот за економски анализи (ЦЕА) насловена „Популизмот и клиентелизмот во политичката економија во Република Северна Македонија“ која се фокусира на ризиците по јавните финансии, чиј што интензитет и веројатност за настанување се зајакнуваат подолг временски период кој опфаќа владеење на повеќе македонски влади.

Од ЦЕА потенцираат дека друг поголем процент на расходи од буџетот се одлеваат преку јавните набавки кои станале ороз за создавање на економски оператори со голема индиција за значително дренирање на јавни средства за политички клиенти.

„Трет процент од буџетот одеше за трансфери кон одреден стратум на граѓани за политичка корупција, клиентелизам и поткуп во вид на готовински исплати, договорни услуги, работа по договор на дело, социјални и земјоделски трансфери и слично. Неможејќи да создадат соодветен амбиент и темели за цврста политичка и економска подлога за иднината на државата естаблишментот и политичките елити го заокружија неуспехот со политиката за народот како евтина работна сила некаде на крајот на првата декада од 21-от век. Граѓаните на Република Македонија станаа најевтин популарен комерцијален производ за домашните и странски капиталисти“, се вели во анализата.

Во неа, се додава дека јавниот долг достигнал високи размери, кој се надогради после 2016 година, до речиси 61 отсто од БДП во 2020 година.

„Даночните приходи се намалија во име на создавање на „амбиент за бизнисмени“ при што се загрози и пензискиот фонд, како и за регионална трка до дно со субвенционирање на странски инвеститори. Во ваков социо-економски контекст кризата во која се наоѓа Македонија, многу тешко ќе се надмине, со оглед на тоа што менторите на политичките елити имаат консензус за водење на избори каде победникот добива сè. Задржан е консензусот за волумени на буџети кои се доволни за генерирање на нови клиенти и за задоволување на потребите на старите клиенти. Притоа, населението се фрагментира по етнички, класни и географски атрибути, како и по економска активност, додека државата се држи настрана од суштински ЕУ интеграции и вредности“, пишува во анализата.

Од ЦЕА укажуваат дека БДП по доходовниот метод илустрира дека уделот на профитите на капиталот се повисоки од уделот на платите на работниците од 2012 до 2017 година. Така, додека во 2000 година платите на работниците имале удел во БДП од 65 отсто, наспроти 35 отсто на профитите на капиталот, а во 2017 година платите на работниците имале удел од 48 отсто, наспроти 52 отсто на профитите на капиталот.

„Клиентелизмот особено добива силни размери за дополнително фрагментирање на населението по разни атрибути после 2009 година и до 2012 година со таканаречени 5 пакети за справување со првиот и вториот бран од глобалната финансиско-економска криза (од 2009 година до 2012 година). Со новите 4 пакети на мерки на актуелната Влада за адресирање на Ковид-19 кризата, всушност ние се наоѓаме повеќе од една деценија во „живот на трансфери“ и „државата треба да помогне“ економска парадигма. Средствата кои беа обезбедени од задолжување ниту ги задоволија потребите на граѓаните ниту поставија основа за повисока продуктивност, а времето за отплата доаѓа“, констатираат од ЦЕА.

Во анализата се вели дека за периодот пак 2010 до 2019 година банкарскиот сектор книжи високи профити по оданочување, кои во 2018 година достигнуваат и до 1,3 отсто од БДП, што укажува на една голема нерамнотежа во македонската економија.

„Има големи предизвици во општиот еквилибриум на македонската социо-економија, банкарскиот сектор е олигопол за кого економските агенти плаќаат повисока ценовна премија, пазарот на работна сила е нефункционален, нееднаквоста расте, благосостојбата е еродирана. Во таа насока навистина се поставува прашањето за размислување на промена на улогата на НБРСМ. Можеби нејзината цел треба да биде полна вработеност на македонската економија дополнително на стабилноста на финансискиот сектор со што и монетарната политика поефикасно и поефективно би се вклучила во решавање на долгорочните проблеми на државата“, пишува во анализата.

Од ЦЕА искажуваат загриженост за најавените вон-буџетски операции на власта за јавни приватни партнерства (ЈПП), кои според нив, не влеваат доверба за позитивни резултати во иднина.

„Во суштина, ЈПП е ефикасен инструмент но, во услови на неефикасен јавен сектор, недостаток на знаење за ЈПП, за мониторинг и евалуација, со високо ниво на корупција, со нетранспарентни операции на власта во делот на државна помош, во делот на привлекување на СДИ, со неказнивост за операции како во примерот со Скопје 2014 и имплементацијата на автопатиштата, предупредуваме дека ЈПП ќе носи непредвидени идни обврски по буџетите на државата т.е. на сметка на даночните обврзници“, пишува во анализата.