АНАЛИЗА: Колкави се трошоците за студентите за зимскиот семестар на шесте државни универзитети?

Додека дел од студентите на УКИМ изразуваат незадоволство и загриженост поради зголемените трошоци, Мета.мк направи поширока споредба на тоа колкави давачки имаат студентите на шесте државни универзитети во Северна Македонија

Шесте државни универзитети во Северна Македонија / илустрација: Мета.мк

Студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје од оваа академска година се соочуваат со зголемени дополнителни давачки покрај партиципацијата, односно школарината за студирање. Па така, од овој зимски семестар, во насоките за упис, студентите забележале нови трошоци кои треба да ги уплатат на сметката на факултетите. Зголемувањето на сумите некаде се движи и до 1.500 денари повеќе од она што се плаќало до минатата академска година.

Покачување на давачките има речиси на сите факултети во рамки на УКИМ, што поттикна повеќе или помалку гласни реакции.

И додека дел од студентите изразуваат незадоволство и загриженост, Мета.мк направи поширока споредба на тоа колкави трошоци имаат студентите на шесте државни универзитети во Северна Македонија.

Споредени се дополнителните трошоци покрај партиципацијата за студирање, која за редовните студенти во државна квота изнесува 200 евра годишно, а за редовните студенти со кофинансирање и за вонредните студенти изнесува 400 евра годишно.

Анализата покажува дека давачките кон некои универзитети се повисоки од оние на УКИМ, додека други наплаќаат многу помалку.

Информациите за трошоците се собрани од официјални соопштенија на високообразовните установи, достапни онлајн, но и преку одговорите на новинарските прашања што ги упативме до раководствата на универзитетите, како и од разговори со студенти на различни факултети.

Од шесте државни универзитети, единствено Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје не одговори на прашањата на Мета.мк за тоа колкави трошоци плаќаат студентите кои го запишуваат зимскиот семестар на факултетите што се дел од овој најнов државен универзитет.

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Согласно Анексот на Правилникот за студирање, на факултетите во рамки на УКИМ им е дозволено сами да утврдат одредени надоместоци врз основа на „нивните спецификации и реални трошоци“. Па така, на различни факултети на УКИМ се плаќаат различни трошоци.

Мета.мк направи споредба помеѓу давачките за зимскиот семестар на Правниот, Филозофскиот, Медицинскиот и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и истите се движат меѓу 900 и 3.500 денари.

Инаку, по објавата на Мета.мк претходно месецов дека се зголемуваат давачките на Филозофскиот факултет, од Универзитетското студентско собрание на УКИМ излегоа со соопштение проследено од овој факултет, во кое се вели дека Филозофскиот наводно ги повлекува зголемените трошоци.

Според студентското собрание, наместо 5.600 денари колку што биле предвидени претходно, студентите сега ќе плаќаат 2.800 денари на годишно ниво за дополнителни трошоци, покрај партиципацијата.

Меѓутоа, студентите на своите мејлови пред објавата на Мета за зголемените давачки добија известување дека треба да уплатат 2.800 денари за „онлајн и материјални ресурси“ – сума што треба да ја платат и сега, па оттука, останува нејасно како Филозофскиот факултет ги „повлекол“ покачените суми.

Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип

Од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип за Мета.мк велат дека ги немаат променето износите на давачките од 2007 година. Трошоците на УГД се достапни онлајн и може да се најдат на овој линк. Според нив, може да се заклучи дека дополнителните трошоци и овој зимски семестар изнесуваат 3.900 денари.

Државен универзитет во Тетово

Покрај партиципацијата, студентите немаат други трошоци, освен 100 денари за студентски парламент кои се нивна организација и имаат нивна банкарска сметка, ни одговорија од Државниот универзитет во Тетово. Од таму велат дека наставните материјали, спортските активности, лабораториските вежби, праксата во други институции и патувањето во земјата и други држави за студиски цели, како и електронскиот систем, се бесплатни.

Единствено студентите во прва година, при уписите, плаќаат 750 денари на жиро-сметката на Универзитетот, на име: спортски, културни, информациски и информативни дејности на студентите на Универзитетот.

Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола

Од УКЛО за Мета.мк велат дека студентите од втора и повисоките години, при запишување на зимскиот семестар плаќаат само школарина и 50 денари за административна такса, додека во дополнителните сесии плаќаат и за пријавување на испити. Од друга страна, студенти на Техничкиот факултет – Битола, кој е дел од УКЛО, за Мета.мк велат дека овој семестар требало да платат 1.200 денари.

 

Универзитет „Св. Апостол Павле“ – Охрид

Студентите запишани на сите пет факултети во рамки на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид, за зимскиот семестар од новата академска 2024/2025 година, покрај партиципацијата, имаат дополнителни трошоци во износ од 2.500 денари.

Универзитет „Мајка Тереза“ – Скопје

Од овој универзитет не одговорија на прашањата на Мета.мк. Новинската агенција не можеше да воспостави контакт со ниту еден студент од овој универзитет.