Анализа: Кои функционери и институции колку ги користеле социјалните мрежи во 2022 година?

фото: Glenn Carstens-Peters на Unsplash

Статус кво и пад во користењето на социјалните медиуми од страна на јавните функционери и институции во 2022 година, покажа анализата на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).

115 од 120 пратеници биле присутни на најмалку една социјална мрежа, 20 од 21 министри користеле барем еден социјален медиум, додека претседателот на државата бил онлајн во целост.

„Сепак, политичарите и јавните институции како полека да забораваат дека нивното активно присуство на социјалните мрежи е важен сегмент од транспарентноста и отчетноста кои се нераскинлив дел од принципот на добро управување“, се вели во редовната годишна Анализа на ИДУЕП која ја изработи комуникологот Бојан Кордалов и во која биле вклучени и студентките Ангела Петкова, Николина Стојановска и Каролина Ѓурковска од отсекот Односи со јавност при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Токму изложувањето на властите и институциите на коментарите, критиките и мислењата на граѓаните преку дигиталните алатки треба сериозно да се земе како уште еден фактор за тоа дали тие се вистински подготвени да се справат со корупцијата, клиентелизмот и одлучувањето само во тесни партиски кругови.

„Властите и политичарите и на централно и на локално ниво веќе втора година зборуваат колку многу се залагаат за дигиталната трансформација на општеството. Меѓутоа, во овој сегмент на можност за дигитална комуникација со граѓаните и медиумите и нудење на квалитетни и брзи онлајн услуги во голема мера потфрлија. Сведочиме на еднонасочна комуникација, пад на институциите како активни корисници на дигиталните алатки, а за квалитетот на содржините не може да стане збор бидејќи тие во огромен број се претворени во класични политички гласила каде речиси целиот фокус е ставен на политичарите и нивните агенди, наместо на потребите на граѓаните“, вели авторот на анализата Кордалов.

Претседателот присутен секаде онлајн, пратениците не го обожаваат Твитер

Изработената анализа на ИДУЕП покажува позитивно непроменет резултат кај претседателот Стево Пендаровски. Тој и во 2022 година, како и претходните три, бил истовремено присутен онлајн со своја официјална интернет-страница и активен на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

Кај пратениците, пак, 115 од вкупно 120 биле активни на Фејсбук минатата година. Како канал за потенцијална комуникација со граѓаните Инстаграм го користеле 35 пратеници, исто како и претходните две години.

Од друга страна, од најпопуларните социјални мрежи, Твитер очигледно е најмалку привлечен за собраниските пратеници. Лани на оваа платформа присутни биле 18 пратеници, за шест помалку од претходната 2021 година.

Само десет пратеници истовремено ги користеле трите социјални мрежи – Фејсбук, Твитер и Инстаграм. Истовремено, дури четири народни избраници немале свој профил или канал на кој било од социјалните медиуми. Така, можност за комуникација со граѓаните преку социјалните мрежи воопшто немале пратеничката Мерита Колчи Коџаџику од Демократската унија за интеграција (ДУИ), Стојан Миланов од Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) и Драгољуб Филипоски и Панчо Минов од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).

Во анализата се забележува видлив напредок на новата интернет-страница на македонското Собрание која нуди прегледност и можност за одредена директна комуникација со пратениците и пратеничките.

Фејсбук најпопуларен за министрите

И Владата на Република Северна Македонија ја завршила 2022 година со благ пад во користењето на социјалните медиуми. Од вкупно 21 министри, 20 биле активни на Фејсбук. Инстаграм бил избор на 17, а Твитер, исто како и кај пратениците, го користеле најмалку министри – 12. Вкупно 12 министри биле активни на сите наведени платформи, додека само еден министер не користел ниту еден социјален медиум – Ристо Пенов, кој на фотелјата во Министерството за локална самоуправа седна во октомври.

Според анализата, свои официјални интернет страници имале сите 17 институции, а исто толку биле активни и на Фејсбук. На Твитер свое присуство имале 8 министерства, додека Инстаграм бил избор само на две. Официјално Јутјуб канали користеле 4 министерства.

Позитивна вест, се вели во анализата, е што втора година по ред не постои министерство кое не нуди барем две опции за да биде контактирано од граѓаните и медиумите преку дигиталните алатки.

„Очигледно е дека ковид-пандемијата ја нагласи потребата од забрзано присуство на институциите на дигиталните канали, но според сите истражувања кај граѓаните и понатаму постои незадоволство од степенот на јавните услуги кои тие ги даваат. Дополнително, најголем дел од услугите сè уште се достапни само хартиена форма или, пак, во најдобар случај во хибридна форма на електронско поднесување и шалтерско подигање. Потребно е да се прифати дека граѓаните се тие кои ги финансираат овие јавни услуги и тие имаат право да добијат брзи, ефикасни и навремени услуги како на централно, така и на локално ниво. Тоа вклучува и избор за секој човек, дали сака да ја изврши услугата онлајн, во хартиена форма, односно да оди на шалтер или тоа да го направи за неколку секунди преку официјална веб страна или мобилна апликација за е-услуги“, истакна Кордалов.

Тринаесет општини без присуство на социјалните мрежи

Од вкупно 81 градоначалник, 80 биле активни на Фејсбук минатата година, 40 на Инстаграм и само 6 на Твитер.

Четворица градоначалници истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека само една градоначалничка, Жаклина Јовановска од Старо Нагоричане, немала свое присуство на ниту еден социјален медиум.

Кога станува збор за општините, пак, свои официјални интернет-страници имале сите 81 општина. На Фејсбук присутни биле 60, на Јутјуб 39, на Инстаграм 9, а на Твитер само две општини.

Интернет-страници и присуство на сите социјални мрежи е забележано само кај Град Скопје и Општина Карпош, додека граѓаните не можеле да им пристапат преку ниту една социјална мрежа на дури 13 општини.

„Огромен проблем претставуваат затворените кориснички сметки на јавните функционери. Секако дека и тие имаат свое право на приватност, но тенка е линијата меѓу личноста и функцијата што ја врши. Оттука, ги советуваме или да ги отворат своите профили на социјалните медиуми или, пак, дополнително да отворат свои официјални страни и канали каде граѓаните и медиумите ќе можат да ги контактираат, да им ги испраќаат своите мислења, предлози и критики“, посочи Кордалов.

И годинава основните препораки до институциите и функционерите остануваат исти, а вклучуваат двонасочна комуникација, градење на интерни професионални ПР тимови и поставување на дигиталните канали како дел од задолжителните елементи за комуникација со граѓаните и медиумите.

Државни органи без интернет-страници, без социјални мрежи и со портпароли „на одмор“