Фото: Архива на Мета.мк

Бројот на пензионери во земјава ќе расте, во 2025 година ќе надмине 353.000 лица – корисници на пензија. Ќе се зголемува и сумата за редовна исплата на пензии, пишува Порталб.мк. Стратешкиот план на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ) за 2023-2025 година изнесе нови, коригирани проценки за движењето на бројот на пензионери и за средствата потребни за пензии во однос на проекциите во претходниот документ. За годинава се најавува зголемување на пензиите.

 

Повеќе од половина од пензионерите живеат со или помалку од 260 евра

Годинава бројот на пензионери ќе достигне 345.245 лица, што е за 2.826 повеќе во однос на проценката во претходниот Стратегиски план што го изработува ПИОМ. Во новиот документ се предвидува дека бројот на пензионери следниве три години ќе се зголеми за скоро 7.800.

На истекот на 2022 година во земјава имало 332.239 пензионери, што е за 13.000 помалку во однос на проценката за бројот на пензионери годинава. Скоро 69 проценти од пензионерите добиваат старосна пензија која на крајот од 2022-та изнесуваше 18.991 денари.

Ако се систематизираат пензиите според висината, податоците покажуваат дека во земјава скоро 54 проценти од пензионерите или повеќе од половината имаат пензија не повисока од 260 евра, а 28 проценти од нив имаат пензија повисока од 20.000 денари.

 

И годинава раст на пензиите

За редовна исплата на пензиите, годинава ќе бидат потребни 1,2 милијарди евра, што е за 10,8 проценти повеќе во однос на сумата што беше предвидена лани. Сумите за исплата на пензии следниве години ќе растат. Во 2025 година во однос на годинава износот ќе се зголеми за речиси 83 милиони евра. Па така, расходите за пензии во 2023 година се проценети на 1 милијарда и 186 милиони евра, додека во 2025 година година оваа сума ќе се зголеми на 1 милијарда и 268,6 милиони евра.

Износот за исплата на пензии ќе расте не само поради зголемување на бројот на корисници, туку и поради растот на пензиите. Според најавите од Владата, в март годинава ќе има нова нагорна корекција на пензиите за 6 проценти. Според новата методологија пензиите се усогласуваат два пати годишно, во септември и во март, и тоа за 50 проценти со трошоците за живот и за 50 проценти со растот на просечната плата.

„Пензиите ќе бидат зголемени вкупно 16 проценти за една календарска година. Во мандатот на оваа Влада се зголемени за 10 проценти и тоа е направено без да се зголемат стапките на пензиски придонеси. Најголемиот дел на средствата – 499 милиони евра се трансфер во ПИОМ што е дополнителен показател за граѓаните дека го одржуваме стабилен Пензискиот фонд“, изјави неодамна премиерот Димитар Ковачевски, најавувајќи нов раст на пензиите.

Економистите и натаму предупредуваат на потребата од одржливост на пензискиот систем, особено во кризни времиња кога се води битка за задржување на работните места и отворање нови, коиот заедно се извор на финансирање на фондовската каса. По основ на социјални придонеси, годинава во ПИОМ треба да се слеат 994 милиони евра, сума која е повисока во однос на лани. На расходната страна најголем дел од буџетот на ПИОМ или 1,5 милијарди евра се трошат за исплата на социјални бенефиции по различни основи, меѓу кои и пензиите со најголем удел во оваа сума.

Во земјава според последните достапни податоци од Заводот за статистика, на крајот од третиот квартал лани бројот на вработени изнесувал 693.062 и во сооднос со бројот на пензионери годинава, се сумира дека на 2 вработени има по 1 пензионер, податок кој укажува на ранливост на пензискиот систем.