Седум министерства за половина година потрошиле помалку од 10 отсто од годишната сума за капитални расходи. Највисока реализација од 99,5 отсто има во Министерството за односи меѓу заедниците, но се работи за буџет од околу 9.000 евра. „Моторот“ на јавните инвестиции се ресорите кои располагаат со милионски буџети за оваа намена – само еден ресор од оваа група успеал да оствари над 50 отсто од планот, а дел не успеале да реализираат ниту третина, пишува Порталб.мк
Колку пари потрошија министерствата за јавни инвестиции?
Споредбата на податоците од Министерството за финансии што ја направи Порталб покажува дека во првото економско полугодие дури седум министерства потрошиле помалку од 10 отсто од парите за капиталните расходи: Министерство за правда со реализација од 0,42 отсто, Министерство за локална самоуправа со 1,68 отсто, Министерство за надворешни работи и надворешна трговија со 3,60 отсто, Министерството за животна средина со 4,42 отсто, Министерството за енергетика испорача реализација од 5,27 отсто, Министерството за дигитализација 5,9 отсто и Министерството за економија и труд со 6,1 отсто.
Од друга страна дел од ресорите со симболични суми за јавни инвестиции, за половина година потрошија поголем дел од средствата за оваа намена и во оваа група е Министерството за односи меѓу заедниците кое ги потрошило скоро сите планирани средства за целата година.
Дел од ресорите кои располагаат со поголеми развојни буџети испорачаа стапки на реализација на капиталните расходи повисоки од 40 отсто, но дел не потрошија ниту една третина од планираната годишна сума. Министерството за одбрана, кое располага со повисок износ за капитални расходи, за 6 месеци потрошило 50, 37 отсто од планираните годишни средства за оваа намена. Реализацијата во Министерството за внатрешни работи изнесува 39,4 отсто, во Министерството за земјоделство 26,62 отсто, а во Министерството за транспорт 26,55 отсто.
Инфографик: Фисник Џелили/ Порталб.мк
Во групата ресори со поголеми буџети кои се бројат во десетици милиони евра се и Министерството за образование кое за половина година испорача реализација од 21,2 отсто, Министерството за социјална политика потрошило 17,32 отсто , Министерството за финансии- функции на држава 17,25% а Министерството за здравство 13,60 отсто. Министерството за животна средина, исто така има десетици милиони тежок буџет за јавни инвестиции, а за шест месеци испорача реализација од само 4,42 отсто, што е една од најниските стапки меѓу сите министерства.
Новите полугодишни податоци со кои се опфатени 85 институции, агенции, ресори и други буџетски корисници, покажуваат дека само 12 успеале да реализираат над 50 отсто од вкупната годишна сума за капитални расходи. И со ребалансот на буџетот Владата го задржа амбициозниот план за капитални расходи на ниво 780,5 милиони евра. Сумираните податоци покажуваат дека во првите шест месеци биле потрошени 204,8 милиони евра, а во втората половина од годинава за јавни инвестиции треба да се потрошат уште 575,6 милиони евра.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
