Француското вето за пристапни преговори кое донесе предвремени парламентрани избори, според аналитичарите ќе се „прекрши“ врз грбот на економијата. Во предизборен период не се очекуваат значајни реформски промени ниту пак крупни инвестициски одлуки, домашниот бизнис, навикнат на чести изборни циклуси, ќе апстинира од развојни проекти, па дури и од нови вработувања во очекување на политичкиот исход од изборите – коментираат дел од економистите што ги консултираше „Порталб.мк“.

Економистот Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации вели дека прво земјата ќе мора стратешки да се (ре)позиционира.

„Не велам да се напуштаат сегашните стратешки определби, но за момент мислам дека тие треба одново да се разгледаат. Самото членство во НАТО дава одредени насоки во таа смисла, но во НАТО се членки сите оние земји чии што билатерални интереси имаат влијание врз македонското надворешно и стратешко позиционирање. Таму се и САД, Франција, Германија и Турција. Во меѓувреме, „средувањето“ на работите по дома треба да е врвен приоритет. Би рекол дека на прво место тоа се корупцијата, јавната администрација, медиумите, образованието и здравството. Ни треба сериозно нов пристап оти досегашните млаки и парцијални решенија само ги продлабочуваат проблемите место да ги решаваат. И секако, нов економски концеп“, вели Филков.

Според него, стапките на економски пораст од околу три проценти се далеку од доволни за земјата да излезе од вителот на низок раст. Како што во борбата против корупцијата ни треба сериозен „бум“, уште поголем бум е потребен во економијата.

„Приоритет на сите досегашни Влади било релизација на основните макроекономски цели (зголемување на стапката на економски раст, зголемување на вработеноста, зголемување на извозот и одржување на макроекономската стабилност). За да се постигне реализација на тие цели потребни се вложувања, кои би биле во функција на економскиот развој преку зголемување на пазарот на физичкиот и човечкиот капитал. Ние се соочуваме со т.н. временска дистанца во технолошкиот равој, во примената на нови знаења и технологии, а тоа има негативно влијание врз продуктивноста, конкурентноста и доходовноста на домашната економија. Последните петнаесетина години имавме шанса економијата да ја ставиме на здрави нозе ( како ниско задолжена земја), но тоа не го направивме, а сега, сега е тоа можно со дополнително задолжување, но не за плати, пензии и за социјални пакети, туку задолжување во функција на економскиот развој, во спротивно ќе продолжиме да се вртиме во круг“ – вели професорот Семи Бислими.

Но, без разлика на изборниот исход – следната Влада ја чекаат многу отворении прашања и од неа се очекува политичка храброст и волја за решавање на горливите теми.

Дел од бизнисмените за „Порталб.мк“ велат дека се навикнати на изборни циклуси и посочуваат дека клучниот извор на неизвесност е неодржливоста на законските решенија. Вообичаено предизборието најмногу се одразува врз инвестициската активност.

„Во предизборие, Владата и Собранието го одложуваат донесувањето одлуки, а меѓу другото запира и т.н. инвестициско трошење во инфраструктурата, капиталните средства и сл. Сите овие појави влијаат негативно врз економскиот раст. Исто така, како земја не сме имуни и на ситуација, во предизборниот период забрзано да за се троши на јавни набавки на средства, услуги и работи во насока на собирање политички поени, без секогаш тие трошења да се потребни и целисходни. Притоа, ова не треба да се сфати дека не треба да има избори. Тие се нормална појава во една демократија, но, не имплицирајќи на конкретната ситуација во земјава, треба да се настојува изборите да се одржуваат во своите редовни термини за да се сведе на минимум нивното негативно влијание врз економијата,“ заклучува Филков.