fbpx

АНАЛИЗА: Економското заздравување ќе зависи од силината на „ударот” на енергетската криза!

-

Нови, амбициозни проекции за „економски пресврт“ во следните 4 години – Владата објави нов План за забрзан економски раст, пишува Порталб.мк. Високи стапки на раст на БДП, драматично намалување на невработеноста, инвестиции што се бројат во милијарди евра.

Од Владата велат: „Планот за забрзан економски раст е со амбициозна, но остварлива цел да се поддржи економското закрепнување и забрзаниот раст“.

Што мислат економистите?

Неизвесноста поради “енергетската криза“ носи неизвесност за економијата…

Амбициозни проекции за економија, добро е што се планира висок износ на јавни инвестиции, намалување на јавниот долг и консолидирање на финансиите – но како и со кое темпо ќе се остварува ова ќе зависи од силината на енергетската криза со која се соочува светот, Европа, па и ние, коментираат економистите за Порталб.мк.

„Се наоѓаме во среднина на енергетска војна, состојбата не е наивна. Во вакви услови тешко се планираат инвестиции, немаме јасна слика за енергетската состојба. Оттука е тешко е да се проектираат таргети. Не можеме да зборуваме за раст детерминиран од инвестиции кога состојбата е неизвесна со енергетиката, со цените на енергенсите. Сега имаме неизвесност и во однос на цените, но и во однос на набавките“, смета универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

За разлика од него, универзитетскиот професор Сами Бислими смета дека буџетските политики не навестуваат значајни јавни инвестции.

„Добро би било Владата да ги реши тековните проблеми со зголемените буџетски трошења, со ветувања од ракав за зголемување на минималната плата, просечната плата, пензиите и социјалните трансфери, и откако ќе ги покрие ваквите трошења, нека пресмета што и колку средства ќе останат во буџетот за инвестиции?“, вели професорот Бислими.

Јавните инвестиции можат да се предвидат, потребна е политичка упорност за нивно остварување, но приватните инвестиции може да се доведат во прашање поради повеќе фактори, еден од нив енергетската криза но и поради „непостојаност“ на законската регулатива.

„Економскиот раст проектиран над 5 отсто на годишно ниво ќе зависи од реализацијата на инвестициите. Од аспект на изворот – јавните инвестиции можат да се предвидат и околу нивното финансирање може позитивно да се оценат “новите“ инструменти – развојна и проектна обврзница кои би биле со променлива каматна стапка. Што се однесува на приватните инвестиции, сумите се прилично амбициозни, клучно е прашањето како и врз основа на што ќе се “мотивираат“ инвеститорите. Во бизнис амбиентот многу се важни либерализацијата и дерегулацијата – не може да се заоструваат критериумите за инвеститорите а да се очекува раст на инвестиции. Клучен сегмен е и одржливоста на законска регулатива“, оценува професорот Ивановски.

Ниска невработеност, скоро 160 000 нови вработувања, инвестициски бум – можно ли е остварување …

Со Планот за забрзан економски раст Владата постави амбициозни таргети – уверува дека решенијата за нивно остварување се прецизни и системски. Според овој план – просечниот раст на економијата треба да се движи над 5 отсто. Невработеноста треба да се намалува со големо темпо – за во 2026 година да сведе на едноцифрена бројка.

Поголем број на инвестиции – повеќе вработувања – тоа е клучот за намалување на невработеноста – велат економистите, но од друга страна предупредуваат дека растот на минималната плата може да предизвика контра ефект, намалување на вработеноста, особено во трудоинтензивните дејности.

Позитивно се оценуваат најавите за консолидирање на јавните финансии – преку намалување на буџетскиот дефицит и на Јавниот долг.

„Досегашните и најавените фискални стимулси за поддршка и помош поради пандемијата очекувано го зголемија буџетскиот дефицит. Сега со планот Владата предвидува намалување на буџетскиот дефицит – и ова треба да биде императив кој мора да се следи за фискална одржливост, да се остане на тој пат“, вели Ивановски.

Според најавите од Владата, Планот за забрзан економски раст ќе биде проследен и со Акциски план во кој ќе се наведат механизмите и темото на реализацијата на таргетите. Владата во мај најави Интервентен план за инвестиции 2021-2027, тежок скоро 8,2 милијарди евра. Сепак – дел од економистите сметаат дека остварувањата кај инвестициите се во застој поради пандемијата но и поради локалните избори и изборниот исход по нив.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...