fbpx

Анализа: Економијата во 2021 година – од економско заздравување до енергетска криза

-

Економијата излезе од зона на рецесија. Раст на увозот и извозот. Дел од инфраструктурните проекти останаа „заглавени“, но по две децении ветувања започна изградбата на автопатската делница Скопје-Блаце – стратешка за поврзување со Косово, нашиот значаен трговски пазар. Јавниот долг ги достигна највисоките вредности. Граѓаните се бореа со ценовен бран, Владата прогласи енергетска криза. „Порталб“ ги издвојува настаните и состојбите што ја одбележаа економската 2021 ва година.

БДП – економијата „излезе“ од рецесија ..

Првото тромесечје од 2021 та заврши со негатива – пад на БДП за 1,8%. Но, следните два квартали економијата излезе од зона на рецесија – второто тромесечје заврши со раст од 13,4% , а третото со раст од 3,0%. Според прогнозите и досегашните показатели – 2021 та е година на економско заздравување, а 2022 та веќе треба да започне и процесот на економска стабилизација. По длабоките падови на Бруто-инвестициите лани, годинава на крајот од јуни регистриран раст од 40,7%. Во позитивна зона и извозот и увозот.

Јавен долг – „пикот“ во јуни  ..

„Постковид“ година во која јавниот и државниот долг достигнаа највисоки износи. Задолженоста на државата која почна да расте во 2020 та – достигна пик во 2021 та. Во јуни – на економското полугодие Јавниот долг изнесуваше рекордни 7,38 милијарди евра или 63,1% од БДП додека Државниот долг беше на ниво од 6,41 милијарда евра или 54,7% од БДП – и двете вредности на историски највисоко ниво.

Протести на земјоделци – тутунари, лозари ..

Годината што измина беше во знакот на економско стабилизирање – но, сепак проблематична за одредена категорија на граѓани. Уште на самиот старт на 2021 на протести излегоа тутунарите – протестираа среде откупна сезона со барање да запре откупот. Токму ова барање ја отвори дилемата дали „политиката“ уште на самиот почеток од 2021 та вмеша прсти во земјоделството. На почетокот на септември на протест излегоа и лозарите – барајќи повисоки откупни цени, обвинувајќи дека винариите – откупувачи тактизираат до последен момент. Протестираа и оризопроизводителите. На протетстите беа забележени претставници на Владата, а дел од проблемите се решаваа и во министерскиот кабинет во ресорот земјоделство.

Најголема инвестиција, октомври 2021

Германската компанија „WPD“ ќе гради 415 мегаватна ветерна електрана на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Ранковце- Крива Паланка, во вредност од околу 500 милиони евра – со оваа реченица Владата во октомври ја најави историски највредната странска инвестиција во земјава. Договорот со државата за стратешко инвестирање ќе трае 45 години. Ветерниот парк „Вирови“ нема да користи никакви повластени тарифи од државата, а треба да обезбеди снабдување на 290.000 домаќинства со електрична енергија. Инвестицијата ќе се реализира во фази.

Енергетска криза, ноември 2021

На почетокот од ноември Владата прогласи енергетска криза. По драматичниот раст на цените на електричната енергеија на светскиот пазар, а драматично намаленото домашно производство – Владата прогласи кризна состојба во енергетиката. Со тоа си ги „одврза“ рацете да инјектира 65.000.000 евра во државните енергетски компании МЕПСО и ЕСМ кои „потонаа“ во финансиски проблеми. Владата направи терен за да им трансферира буџетски пари – но „цехот“ во економијата сепак некој ќе мора да го плати на крајот.

Инфлација  и „замрзнати цени“, декемрви 2021 …

На почетокот  на декември се „замрзнаа“ цените на основните прехранбени производи – леб, брашно, шеќер, масло за јадење, млеко, месо, а дополнително на листата производи со замрзнати цени ги стави и јајцата, оризот. Оваа одлука следуваше откако овие производи достигнаа „ценовен пик“ – па така литар сончогледов зејтин надмина 100 денари. Во ноември ќе биде измерена и една од највисоките стапки на раст на трошоците на живот за 4,3% во однос на истиот месец во 2020 година.

 Изградени и неизградени патишта

Измина уште една година во која новиот автопат Кичево-Охрид остана заглавен во проблеми. Рокот за изградба заврши на 30 јуни –  а од изградбата ништо. Следуваа законски измени за деблокада на овој инфраструктурен проект почнат во 2014 година. На истокот пак заврши изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш во должина од 40 километри. По речиси 20 години политички ветувања – започна реализацијата на автопатската делница Скопје – Блаце , стратешка за поврзување со Косово. Во тек се градежните работи за првата делница до граничниот премин Блаце во вредност од 14,2 милиони евра. Целиот пат е во должина од 12,5 километри, Втората делница ќе се финансира со заем од ЕБОР и инвестициски грант од ВБИФ.

Изминатата 2021, според економистите, е година на економско заздравување но се уште сме далеку од состојбата во 2019, пред да започне пандемијата. Според очекувањата, од следната 2022 година се очекува економска стабилизација.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...